еМагазин
Image default
Бизнис

Дигитализацијата е неопходен чекор за одржлив развој: „Тиквеш“ во соработка со водечки светски експерти отвора ново поглавје во лозарството

Во согласност со својата стратегија за имплементација на ЕСГ-стандардите до крајот на следната година и поставување на македонското вино на светската винска мапа, винарската визба „Тиквеш“ започнува соработка со една од најреномираните светски консултантски компании во областа на лозарството – Перлеуве (Perleuve) од Италија, информираат од таму.

Оваа позната компанија е предводена од Џовани Бигот (Giovanni Bigot), водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството, кој воедно е консултант на најдобрите винарници во Италија и во други земји. Во глобални рамки е познат по т.н. „Бигот индекс“, што претставува иновативен метод за оценување на квалитативниот потенцијал на лозјата.

Во рамки на оваа соработка што ќе се одвива во следните пет години, а е поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), експертскиот тим на Перлеуве, предводен од Бигот, ќе врши опсервации и ќе ги сподели со тимот на „Тиквеш“ најсовремените практики за производство на здраво, висококвалитетно грозје од кое се произведуваат врвни вина.

Во почетниот период од соработката експертите од Перлеуве ќе бидат ангажирани на лозовите насади на „Тиквеш“, а потоа стекнатите нови знаења и искуства ќе се прошират и на голем дел од лозовите насади на партнерите и лозарите со кои винарницата има долгорочни партнерски односи.

Тоа неминовно ќе има позитивно влијание врз натамошниот одржлив развој на домашното лозарство и македонската винска индустрија во целина. Истовремено, со воведувањето на овие новини, „Тиквеш“ го трасира патот кон дигитална иднина и за останатите винарници во нашиот регион и има предводничка улога во создавањето вистински услови за долгорочен, одржлив развој на домашното лозарство и винска индустрија.

„Тиквеш“ веќе има воспоставено ефикасен систем за мониторинг на лозовите насади што обезбедува податоци за сите значајни параметри за квалитетот на грозјето, почнувајќи од начинот на одгледување, правилното искористување на почвените ресурси, наводнувањето, заштитата од болести и штетници, како и податоци од агро-метеоролошките станици и сателитски снимки на парцелите.

Сите овие податоци се обработуваат во софтверска апликација за мониторинг – „4Grapes”, која овозможува следење на состојбата на секој лозов насад во реално време. Ова има  клучно значење во носењето навремени и правилни одлуки во лозарството.

„Со дигитализацијата во производството на грозје, како и преку експертизата што ќе ја добиеме преку соработката со тимот предводен од Џовани Бигот, ја подигнуваме контролата на лозовите насади на највисоко ниво. Природните услови што ги имаме за одгледување грозје во нашата земја, како и сѐ поизразеното влијание на климатските промени нѐ принудуваат да правиме прилагодувања и да воведуваме модерни практики во лозарството, за потоа, како лидер во регионот, да ги пренесеме на останатите со цел одржлив развој на лозарството“, велат од „Тиквеш“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Citroen C4 – Автомобил на годината во Македонија за 2021

Редакција

(Фото) Алкалоид пушти во употреба нова инвестиција за сопствено производство на влажни марамчиња

Редакција

Сите детали: Обвинителството отвори истрага против четири одговорни лица за стечајот на Еуростандард банка

Редакција