Ќе водиме исклучиво јавна кампања за да ја подигнеме свесноста за вакцинацијата заради тоа што само на тој начин побрзо ќе ја истераме пандемијата од нашата земја. Ќе бидам личен пример и ќе ја примам вакцината против Ковид-19, откако ќе бидат запазени сите протоколарни активности и препораки, порача денеска премиерот Зоран Заев.
Вакцинирањето на граѓаните, како што рече во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата, ќе биде платено од страна на Буџетот, еден дел од регуларните средства во Фондот кои се исплаќаат кон сите здравствени институции, а еден дел се грантови и донација како што се фрижидерите кои ги очекуваме. Очекувам, додаде тој, вакцинацијата веднаш да почне откако ќе стигнат првите количини и по протокол да бидат вакцинирани сите онака како што треба.
„Сега за сега се најсигурни нешто под шест илјади вакцини од Фајзер, а додека тие се имплементираат и се користат веќе ќе стигаат вторите, па третите пакети.
Очекуваме регуларна и регулирана постапка на испораки – прва, втора, трета, четврта испорака затоа што ако стигнат само 5.800 тогаш тоа не е доволно ниту за сите здравствени работници кои што директно работат на Ковид-19, кои се 7.700 вкупно, што ги наградивме по сите здравствени институции во државата.
Вкупно имаме преку 24.000 здравствени работници во државата, а каде се хронично болните граѓани, пензионерите, граѓаните кои изгубиле член од семејството од Ковид-19, кои треба да бидат во приоритетните групи за вакцинација,“ потенцира Заев.
Очекувам, посочи премиерот, овие денови да ја видиме и солидарноста на Европската Унија заради тоа што, како што рече, тоа е еден од најизвесните начини уште во јануари да ја добиеме вакцината, нагласувајќи дека секој ден порано е добредојден.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Првите 5.850 дози вакцини на „Фајзер“ ќе стигнат во февруaри
МИА/Фото: Влада