еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Ќе се изработи акт за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел

Врз основа на податоците од Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита „Водно” во категоријата заштитен предел, а земајќи ги предвид геолошките, геоморфолошките и биолошките вредности, како и посебното значење за жителите на Градот Скопје, се наметна заклучокот дека планината Водно ги исполнува критериумите да биде прогласена за заштитено подрачје од V категорија – заштитен предел, соопштија од Град Скопје.

Од Град Скопје наведоа дека за таа цел Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) доставило иницијатива и Владата на 17 ноември 2020 година ја разгледала и усвоила Информацијата, и донела Одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, со која го задолжила МЖСПП да спроведе јавна расправа по предлогот, да го изготви конечниот акт за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел и конечниот предлог да го достави до Владата на усвојување.

Од Град Скопје посочија дека за вклучување на засегната јавност има објава на предлог актот за коментирање на веб страницата на МЖСПП и ЕНЕР, ќе се одржи јавна расправа за предлог-актот помеѓу 1 и 5 февруари 2021 (со дополнителна најава и покана во јавните гласила и на веб-страницата на МЖСПП) и ќе има барања мислења и состаноци со владини институции, единици на локална самоуправа и бизнис заедница.

Проф. д-р Нинослав Ивановски, пред неколку дена објави Фејсбук-статус, во кој, времепловски опиша што му се случува на Водно низ годините и како се уништува.

„Отсекогаш Планинарскиот Дом „ Горно Водно“ бeше највисоката магична точка на хоризонот на градот. Со него завршуваше секој поглед кон Водно, кон нашата планина. Осамен на врвот, видлив од сите страни, доминантен и достоинствен стана вистински симбол на Скопје.

Искачувањето кон него за секого од нас претставуваше мал подвиг. Кога задишани конечно ќе се најдевме на малото плато околу магичната сферична камена структура беше тоа наша мала интимна победа, како да е тоа искачување во најмала рака на Мон Блан.

А таму внатре во овалниот простор на клупите покрај прозорците со ненадминлив поглед кон сите страни на хоризонтот се пиеше најдобриот планински чај на светот. Го викавме едноставно „Планинарски“ како да ни беше другар од клас или од маало.

Од големите прозорци на старите училишта беше видлив како на дланка во златножолтата есен или расцветаната пролет.

Околу него се јавуваше и првиот снег кој ја најавуваше долгата снежна скопска зима на која бескрајно се радувавме. Кон него први не носеа татковците онака како што тоа Владо Јаневски го кажува во својата песна за Скопје.

Оттаму гледавме кон долу, ја баравме улицата во која живеевме, возовите околу железничката станица, локомотивите околу Ложилницата.

Гледавме како градот се шири на запад со новите згради во Карпош кои со својата правоаголна и рамна геометрија прилегаа на високите облакодери на Менхетен. Во таков миг татко ми знаеше да извика: „Еј, Скопје, Њујорк ли си !“. Бевме едноставно горди и среќни.

Сегашниот поглед кон Планинарски оддамна не ја открива познатата физиономија. Нашиот детски другар едноставно исчезна. Го снема, потона. Неговата стамена фигура исклесана во камен долго пркосеше на ветриштата, снеговите, поројните дождови, пеколното сонце.

Се чинеше непобедлив нашиот Планинарски. Но, не било така. Нешто друго стана поважно, требаше да се обработи народот, па на вековните скопски христијани требаше да им се постави и крст како доказ дека е ова христијанска земја, како тоа тие, крстени и прекрстени во убавите скопски цркви, да не го знаат.

Или тоа требаше да биде предупредување спрема нашите скопски браќа муслимани со кои со векови сме живееле заедно, едни покрај други во слога и почит. Или можеби требаше да се предупредат атеистите дека Господ е семоќен во сите свои облици и да внимаваат што прават.

Згора на тоа уште требаше да се издигне онаа геометриски и пропорционално несфатлива кула која одоздола прилега на пенис во ерекција. Така нашиот интимен другар, нашиот Планинарски исчезна. Очигледно не му се допадна друштвото, па реши да се повлече. Впрочем како и сите ние. Тажно…

Кога денес се ита накај Скопје веднаш после наплатната рампа кај Петровец, се гледа целата североисточна страна на нашето Водно. Оддалеку се насетуваат и како се наближувате кон Скопје, стануваат јасно видливи ужасните рани на нашата планина направени од некои примитивни злосторници.

Не може ниту да се замисли такво зло и свирепост на оној што тоа го сторил. Нашето зелено, пошумено Водно искасапено, удирано до искрварување, избраздено, рането до смрт, убиено…

Што рака ќе беше, како да го закла крувчето, како што тоа го вели Блаже Конески во една своја новела. Кој беше толку моќен што мораше планината да се касапи за него? Кој и со што тоа го заслужи?

Или се тие истите што го кренаа крстот а сега ја „прилагодуваат„ неговата околина. И тоа се во име на светиот крст и нивниот господ. Која инквизициска хипокризија! Но, зарем злосторствата покрај и во име на крстот не се незаобиколен дел од несреќната историја на човештвото?

Нешто подолу и поцентрално изникна новата градска елитна четврт “Долно/средно/горно Водно“ составенена од густо збиени повеќекатници, далеку над градежната линија поставена во дамно поранешно време, елегантно заобиколена во институциите на системот од различните политички влади на плуралното општество.

Така надвисна над сите нас и новата 10 -катница сега веќе офарбана, проширена за уште два ката која личи како накарадна наметка на Мефисто претскажувајќи ни ја крвавата иднина.

Просторот пред споменикот на Свети Климент кај Соборниот Храм е идеално место да се погледа целата грозота од згради над некогашната Панорама која се шири како канцерогено ткиво нагоре и само нагоре.

Кој тоа доби мандат во Градското Собрание или во советите на општините да го касапи, уништува, пљачкосува, однародува и краде ова богатство што им припаѓа на сите граѓани! Кој беше толку заслужен да му се поклонува (или продава евтино) дел од нашите бели дробови?

За чии лукративни интереси скопјаните ја губат својата шума засадена од нивните претци во ударнички акции после големата ослободителна војна? Кој си даде за право да менува и крои нешто што не му припаѓа и за што нема надлежност?

Кого заправо сега го интересира кој и како гласал таму каде што се одлучувало и чиј глас ( еден, единствен глас, и тоа, згора на се, воздржан!!) од некоја недефинирана анатомија бил ете одлучувачки за оваа кражба што сега ни се случува пред очи?

Кој тоа купил нешто што не се продава и кое нема пазарна вредност? Кој си земал за право воопшто да гласа и да крене рака за такво нешто, а не би смеел на тоа ниту да помисли?

Која беше таа карикатурална збирштина која одлучуваше во име на сите граѓани на градот Скопје со некакво гласање во кое се бара просто мнозинство од само 11 гласа која треба да го урниса она што е правено со децении наназад?

Зарем такви прашања кои се од првостепено значење на градот не треба да одат на референдумско изјаснување на сите граѓани!

Така нашите градоначалници полека го делкаат Водно, нашата планина. Полека, но со зачудувачка прецизност и систематичност. Од сите страни на светот.

Сега се на источната, делкаат ли делкаат, упорно спрема горе, длабат патишта, тунели, сечат шуми, прават пат за оние недопирливите кои можат да платат и потплатат се и сешто и кои мислат дека овој свет и сите ние постоиме заради нив.

Почнуваат сега и на запад, откај Ѓорче Петров и Сарај, преку Нерези, се упорно спрема угоре. За да не губат време веќе ја начнуваат и јужната страна, онаа што гледа према Солунска Глава.

Допрва ќе се градат патишта и тунели господата да стигнат до таму. Како термити го јадат нашето зеленило. Наскоро нема да има ништо освен дозлабога грди повеќе-катници насекаде.

Ќе не гледаат дрско одозгора тие креатури и ние и натаму ќе молчиме. И натаму ќе излегуваме ревносно на гласање и ќе ги избираме оние кои подоцна само ќе го продолжат злосторството во еден континуитет кој не зависи од тоа дали е лев или десен.

Потоа ќе ги гледаме на отворени и затворени седници како се расправаат упорно следејќи ја партиската дисциплина при што вистинските интереси на граѓаните им се толку далеку и толку неважни, како оној снег од 1962.

Во меѓувреме ќе повикаат партиска војска да покажат сила, патем нешто и да срушат или искршат убедувајќи не, нас гласачите, дека тоа го прават за наше добро.

Потоа, ќе продолжат злосторничките дејствија. Ќе никнат облакодери таму каде што не им е место, кафулињата ќе ги одземаат нашите тротоари, ќе трешти некоја накарадна музика со милион децибели на неприкладни места длабоко после полноќ.

И сето тоа со уредни дозволи издадени и потпишани од нашите градоначалници избрани на фер и регуларни избори од граѓаните, односно од нас самите. Но, тука нема да биде крајот.

И понатаму ќе трае времето на примитивна демонстрација на сила на поданиците на власта како и да се викала таа. Ќе доминираат силеџиите на кои ништо не им е свето, кои уриваат, грабаат, менуваат, уништуваат, одземаат се што ни остана и што не потсетува на цивилизацијата од која сме далеку,“ пишува Ивановски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Мицкоски бара Владата да прогласи вонредна состјба поради загадениот воздух

Редакција

Скопје труе на чад

Редакција

„ИГМ Џумајлија“ и „Даблју еко“ ќе останат без А-интегрираните еколошки дозволи

Редакција