Од повисоките за 30% царини за увезено овошје и зеленчук, кои Косово ги воведе пред неколку дена, во Македонија најпогоден ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите.
На терен веќе се видливи последиците од оваа мерка на нашиот сосед.
“Овие денови, според нашите податоци од терен, извозот на овошје и зеленчук е нула споредбено со претходните кога беше околу 100 – 150 тони. Секој ден одеа по четири шлепери со овошје и зеленчук кон Косово, сега нула.
Ние сме за либерален пристап, да седнат владите заеднички да најдат решение и одлуката да се преиспита и да се укине поскоро зашто Косово не може самостојно да опстане. Впрочем, од интерес на двете земји е овој проблем да се премости што побрзо, вели за МИА, извршниот директор на Стопанската комора на северозапдна Македонија Дрилон Исени.
Косово ја воведе времената мерка на 18 јули годинава, а ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат во Косово.
Според Царинската управа, како што пренесува МИА, вчера се извезени три камиони од по 10 тони земјоделски производи или вкупно 30 тони, за разлика од пред зголемувањето на царините кога за еден ден, како што вели и Исени, се извезуваа по околу 100 тони.
Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари – јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари. Увоз на земјоделски производи од Косово нема.
ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ