Откако се појавија гласишта дека државниот секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска ќе биде сменета поради партиски причини, еколошките организации излегоа со свој став.
„Ние како еколошки организации сакаме да сведочиме дека Ана Петровска како државен секретар во минатата Влада беше пример за државен функционер со интегритет и професионализам. Петровска е неуморен професионалец со големо искуство и знаење од областа на заштита на животната средина.
Како еколошки граѓански организации кои долги години работат во секторот животна средина уверуваме дека Ана Петровска е докажан експерт во својата област која покажа дека можни се промени и подобрувања.
Информациите за потенцијалната нејзина промена од позицијата, како активисти не’ вознемири и не’ запраша зошто успешниот кадар би се менувал, наместо да биде награден.
Честопати изложувана на ризик и непријатност, демонстрираше интегритет и достоинство во критични ситуации. Нејзината замена ја гледаме како чекор назад за многу здрави процеси, кои почнаа да се одвиваат во Министерството по нејзина заслуга.
Ние долупотпишаните, апелираме Ана Петровска да остане на позицијата државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Искрено се надеваме дека ќе го прифатите нашиот апел и ќе ги препознаете вистинските професионалци во државните институции и ќе ги поставите на вистинските места, како што беше државниот секретар на МЖСПП во изминатиот мандат,“ се вели во реакцијата на организациите.
Зад овој став стојат: ДЕМ- Движење на екологистите на Македонија, Здружение „Гоу Грин“- Скопје, Асоцијација Ајде Македонија- Скопје, Еколошко здружение „Здрава Котлина“ – Струмица, Еколошко здружение „Еко Долина“ – Ново Село, Граѓанска иницијатива „Скопје бара чист воздух, Здружение Извиднички Поречански Одред Крсте Јон- Струга, ЕД Еко-Рурал Пелистер с.Дихово Битола, ЕД Сапунчица с.Дихово Битола, ЗЗУЖС Еко-живот, Кавадарци, Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ)- Северна Македонија.
Фото: Фејсбук-Ана Петровска