еМагазин
Image default
Интервју

Елена Младеновска-Јеленковиќ: Како лидер на пазарот „Тиквеш“ нуди винска едукација преку Wine Educator за сите вински ентузијасти

Винарската визба „Тиквеш“ формираше посебнa школа за обуки за вино и жестоки пијалаци. Во интервју за еМагазин, Елена Младеновска-Јеленковиќ, менаџер за корпоративни комуникации во ВВ „Тиквеш“ открива повеќе детали за истава.

Винарската визба „Тиквеш“ формираше посебнa школа за обуки за вино и жестоки пијалаци. Може ли да ни кажете нешто повеќе за идејата и за едукативната платформа?

Виното е можеби еден од ретките пијалаци кои во себе имаат вкус, мирис, боја, арома, но и нешто повеќе од тоа, приказна. Вообичаено, виното се врзува со чувства и со хедонизмот во животот на луѓето, но и со богатата традиција на создавање врвни вина. Токму овој аспект на виното нé поттикна да размислуваме и за градење на една поинаква перцепција кај луѓето за виното и неговите различни варијации.

„Тиквеш“ во континуитет работи на винска едукација и на постојано унапредување на овој процес, па токму тоа беше и мотивот за формирање на школата Wine Educator. Сакаме винската едукација да ја збогатиме и да ја подигнеме на едно ново ниво, со што на сите љубители на виното ќе им понудиме дополнителни знаења, особено на лицата што професионално се поврзани со виното од кој било аспект.

Школата има задача да обезбедува широк спектар на обуки за вино и алкохолни пијалаци со цел да придонесе кон зајакнување на професионалните вештини во оваа област и кон промоција на локалните вина и винскиот регион во целина. Сметаме дека ваквите активности имаат позитивно влијание врз растот на целокупната винска индустрија.

Wine Educator поседува и акредитација за организирање обуки на престижната Лондонска школа – Wine & Spirits Education Trust (WSET). Овие едукативни програми се одржуваат во повеќе од 75 земји во светот. Обуките ги изведуваат реномирани експерти според највисоките стандарди на едукација во оваа област.

Школата е отворена за сите заинтересирани вински ентузијасти, без оглед дали се почетници или професионалци во индустријата за пијалаци, угостителството или туризмот. Со успешно завршување на обуката, посетителите стекнуваат меѓународно признаена диплома.

Досега, во два наврати беа одржани WSET обуки, кон крајот на март и во периодот 10-12 мај и до крајот на годинава се планирани уште неколку циклуси. Во нашата школа сега се достапни обуките од прво и второ ниво, кои не бараат претходно познавање од областа, а во натамошниот период ќе бидат достапни и обуки од напредните програмски целини, односно трето и четврто ниво.

Притоа, процесот на акредитација е многу детален и строг. Wine & Spirits Education Trust инсистира да бидат доследно применети и запазени високите критериуми и стандарди на школата на која било локација каде што се нудат обуките.

Без разлика во кој дел од светот се одвива обуката, програмата, начинот на изведување на обуките и тестирањето се комплетно унифицирани. Материјалите, тестирањето и самата обука се на англиски јазик.

Што значи едукацијата во рамките на Wine Educator за учесниците? Каква додадена вредност добиваат?

Учесниците имаат можност да посетуваат обука конципирана и испорачана според врвните стандарди што ги осигурува реномиран бренд каков што е Лондонската школа за вино и жестоки пијалаци. Но, освен стекнатато знаење што секако е значајна придобивка, учесниците на обуките добиват диплома од Wine & Spirits Education Trust.

Тоа значи, доколку покажат добар резултат на тестот на крајот од обуката, се стекнуваат со диплома од реномирана и меѓународно признаена институција во доменот на виното и жестоките пијалаци.

Поседувањето на таа диплома за оние што се заинтересирани отвора многу нови можности за понатамошно професионално надградување и градење кариера во оваа област. Понатаму можат да се етаблираат како професионални познавачи на вино и жестоки пијалаци, да работат како вински судии, да пишуваат за виното, да даваат оценки и да имаат различни професионални ангажмани во оваа област.

Ова е една исклучителна можност за сите љубители на виното што сакаат да го унапредат своето знаење за виното, но и за луѓето кои се веќе дел од винската индустрија или пак работат во угостителството и туризмот да продолжат да се профилираат во оваа област и да ги развиваат своите професионални вештини и знаења.

За време на обуките опфатени се теми, како: начин на прозводство на вино, различни вински региони, дегустација на виното, начин на комбинирање со храна.

Поради тоа, ваквата едукација отвора преспективи за полесно да се најде работа во угостителството и туризмот или да се почне со сопствен бизнис и преку тоа да се понуди нова додадена вредност на пазарот.

Тиквеш е најголема винарница во земјава и присутни сте на многу странски пазари. Колку на странските пазари е тренд винската едукација и дали нивото на едукација влијае на одговорна консумација на вино?

Токму искуството од странските пазари беше и своевиден мотив овде на домашниот пазар да почнеме со винска едукација уште пред извесен период. Имено, винската индустрија во светот е нераскинливо поврзана со континуирана винска едукација и овој сегмент е издигнат на едно високо ниво, опфаќајќи различни аспекти.

Едукацијата се одвива и на линија на промоција на новите трендови и технологии, но исто така и на некои универзални аспекти поврзани за вината. Во таа насока, винската едукација обезбедува долгорочен развој на винската индустрија, постојано усовршување, но истворемено и едукација на потрошувачите и создавање на една посебна врска помеѓу вината и консументите.

Оттука, винската едукација има исклучително значење и од аспект на создавање на консументи кои ќе имаат потемелно знање за виното. Тука мислам не само на оние што се професионално поврзани со винската индустрија, туку и на љубителите на вино. Искуствата од странските пазари покажуваат дека преку винска едукација се создаваат лојални и умерени консументи на вино.

Сметате ли дека и овде кај нас расте интересот за една поинаква винска култура, со оглед на фактот што и нашата земја има долга винска традиција?

Со задоволство можам да потврдам дека кај нас полека, но сигурно се унапредува винската култура. Сепак, таа уште не е на истото ниво како винската култура во други земји што исто така имаат богата винска традиција. На пример како Франција, Италија или Шпанија, каде виното е неизоставен дел од ручекот или вечерата и добро се знае за која пригода или храна, кое вино да се избере.

Но, расте интересот. Угостителите сакаат на гостите да им обезбедат подобра услуга и искуство, и бараат или едуцираат персонал кој има познавања за виното.

Винарниците исто така вложуваат во своите кадри и во нивната едукација, а има и сé повеќе аматери кои сакаат да знаат повеќе за виното, да знаат да го оценат квалитетот, да зборуваат за него, да дегустираат, па од тој аспект се желни за можноста да посетуваат ваква обука.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Годинава во Словенија на работниците од Македонија им се издадени работни дозволи за 40,3% повеќе од лани

Редакција

Д-р Мери Киријас за МИА: Присуството на антитела значи заштита од Ковид-19, не е важно колкав е нивниот број

Редакција

Мојсоска Блажевски: Самит Македонија 2025 и годинава ќе опфати теми важни за нашата иднина, подобро деловно опкружување и поквалитетен живот на граѓаните

Силвана Жежова