еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Епископ Антаниски Партениј: „Гоце Делчев e граѓанин на светот, туѓ на секаков национализам и шовинизам“

На чествувањето од 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, полето на културен натпревар помеѓу народите (како што Делчев го поимаше светот), се претвори во настан од највисок безбедносен ризик.

Црквата „Св.Спас“ која што е вечното почивалиште на Делчев, веќе три дена е под силно полициско обезбедување, поради можноста од инициденти. Преовладува тензична атмосфера, една од најзовриените, која што се памти во поновата историја.

Но, дали сите овие тензии, инциденти, провокации одат во прилог на ликот и делото на македонскиот револуционер, секако не.

Еден од најубавите безвремени описи за ликот и делото на Гоце Делчев, го има дадено Епископ Антаниски Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител посветен на 150-годишнината од неговото раѓање, насловен „Гоцевиот културен натпревар како образец за евангелско живеење“.

Неговата ланска посвета, која што воопшто нема изгубено на значење, туку напротив, ја пренесуваме во целост:

„Исполнувањето на 150 лета од рождеството на великиот наш сенароден апостол, просветен деец, учител, идеолог и борец за народната слобода, Георги (Гоце) Николов Делчев, проследено со незаборав и со сестрани енкомии, јавни манифестации и воспеви, ја докажува вистинитоста на горе наведениот библиски исказ.

Се чини дека во денешното македонско потсончевие, по имињата на нашите рамноапостолни Отци и Просветители, нема послаткозвучно име на народен делател од тоа на Гоце Делчев. Самото негово спомнување причинува (или би требало да причинува) благородни чувства кај секој современ Македонец.

Чесно, праведно и достојно е да се гордееме со еден таков духовен исполин, чијшто мисловен и идеолошки склоп го прави подеднакво голем и важечки и денес.

Гоце Делчев (4 февруари 1872 – 4 мај 1903)

Што е тоа што го карактеризира Делчев како символ на едeн културо-образувачки и државотворен развиток? Секако, тоа не е само неговиот народносен, национален и политички идентитет, бидејќи луѓе со широк дух и со ментална далековидност се раѓале кај сите народи, во сите нации, при разни политички системи и идеологии.

Величието на Делчев се содржи, пред сè, во неговото со живот остварување на светописмената предназначеност да се биде човек, личност според лика Божја – да се живее не сообразно со безличната толпа и со од неа поттикнатите ниски страсти, ами со умствениот поглед насочен кон возвишеното, кон вечното и убавото.

Животните подвизи и дела го откриваат Георги како човек на духовното благородство, на евангелската пожртвуваност за ближните, на Словото и на словесноста. И кога не би знаеле ништо за неговиот живот, би можеле да го сфатиме ова само од неговиот светоглед, преточен во зборовите што излегле од неговата умносрдечност: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Овој силогизам, произлезен од длабокото и практично животно љубомудрие, го покажува Делчев како евангелски крин изникнат од македонската почва, кој ја краси идејата за личноста и за човештвото. Со други зборови, роден во Македонија и воспитан во домородната христијанска култура и филозофија, Гоце Делчев, туѓ на секаков национализам и шовинизам, е граѓанин на Светот, или, можеби подобро речено, граѓанин над светот. Вонвременски и сепросторен културен и култен идеолог и деец.

Гоцевата мисла за културен натпревар во многу потсетува на поуката што Божествениот Апостол Павле ја пишува во своето Послание до Христијаните во Рим: Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто; Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг (Рим. 12,9-10).

Културниот натпревар се состои, всушност, од искреност, од воздржување од злото, творење добро, братска љубов и почитување. За сите овие добродетели што ја сочинуваат културата каква што ја подразбира Гоце, потребен е подвиг, макотрпна работа, одгледување, негување. Впрочем, и самиот збор ‘култура’ доаѓа од латинскиот глагол colo, colui, cultum, 3­, што во превод на македонски јазик значи: ‘обработувам, работам, одгледувам, негувам, се грижам за, украсувам’.

Имајќи го предвид ваквото поимање на Гоце за културниот натпревар, се чинат беспредметни расправиите околу тоа чиј е тој и кој треба да го слави, дотолку повеќе што тие се вршат на еден крајно некултурен начин. Со сигурност, тој духовно и културолошки не им припаѓа на оние кои (без разлика од каде и од каква националност се) беспричински, примитивно, вулгарно и полуписмено истураат преку социјалните мрежи зборови полни со навреди, злоба и омраза.

Тој им припаѓа на нему сличните, кои со трпение, широчина и усрдност се трудат да ги оприсутнат неговите идеали во време-просторот во кој живеат; на оние кои во себе култивираат култура; на оние кои својата словесност не ја расфрлаат во празнословие и злословие, туку ја ползуваат за уподобување на Словото Божјо, за стекнување и остварување на евангелските начела, чиишто предан поклоник бил и самиот тој.

Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Јован 15,13) – вели Спасителот на човештвото Христос. Без сомнение, Гоце Делчев сиот свој живот ја полагаше душата своја за своите пријатели, за своите современици и за своите потомци, а накрај го положи и животот свој за идеалот на слободата. За слободата што денес ја живееме дарум. И којашто, очигледно, не знаеме доволно да ја цениме и да ја ползуваме за духовно и културно восовршување.

Накрај ќе завршам со пророчките зборови на најблискиот другар и соподвижник на Делчев, а воедно и негов прв животописец, Пејо Јаворов, запишани во предговорот на неговата книга „Гоце Делчев“, објавена една година по херојската смрт на „Апостолот“:

„Илјадници образи на загинати во цветна младост борци греат со непомрачениот блесок на едно беспримерно себеодрекување, на едно беззаветно самопожртвување. Меѓу нив, сепак, секогаш ќе го зазема првото место ликот на човекот, чијашто најдобра биографија еден ден ќе биде пространата историја на македонското револуционерно движење од почеток досега. Името на тој човек стои како заглавие на нашата книга“.

Нека му биде споменот вечен.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гоце Делчев сигурно се превртува во гробот од тоа што му се подготвува за роденденот

Во црквата Свети Спас утре за роденденот на Делчев пристап ќе имаат само најавени делегации

Бугарскиот министер за внатрешни Демерџиев доаѓа во Скопје за роденденот на Делчев

Фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 66 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19

Редакција

(ВО ЖИВО) Демонстрантите за случајот „Монструм“ го нападнаа полицискиот кордон, неофицијално има повредени полицајци

Редакција

Засега нема рестрикции, за викенд ќе се знае дали и какви мерки ќе се преземат

Редакција