Фатмир Лимани, професор по историја и поранешен заменик директор на ЕСМ, поднесе кадидатурата како независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево.
Кандидатот за градоначалник Лимани собра вкупно 420 потписи, што е многу повеќе од неопходните 350 потписи, потврдија од Подрачното одделение (ПО) на Државната изборна комисија (ДИК) во Кичево. Во исто време во овој град беше регистрирана и првата независна советничка листа со носителот Агим Садику.
-За претстојните локални избори денес ја имаме кандидатура на Фатмир Лимани како независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево. Тој го собра неопходниот минимум од 350 потписи на граѓани и денеска официјално ја поднесе својата кандидатура. Во текот на денот ја има поднесено и првата независна советничка листа за која својот потпис го дадоа 372 граѓани, рече Младен Ванчоски, од ПО на ДИК во Кичево.
Ванчоски појасни дека граѓаните ќе можат да ги доставуваат независните листи за собирање потписи за градоначалник или за совет во периодот од 16 до 30 август.
-Сите заинтересирани граѓани кои имаат намера да поднесат кандидатура за независни кандидати на претстојните локални избори или за независна советничка листа, тоа можат да го направат во периодот од 16 до 30 овој месец, додава Ванчоски.
Тој нагласи дека од 21 овој месец до 9 септември, граѓаните можат да направат увид и во Избирачкиот список. Во изминатите неколку дена повеќемина граѓани го посетиле Подрачното одделение на ДИК во Кичево.
МИА/Фото: МИА