еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Делегација на Владата, предводена од Ковачевски кај папата Франциск

На аудиенцијата кај папата Франциск по повод чествувањето на големото дело Светите браќа Кирил и Методиј, кои со својата мисија го ширеа христијанството на јазик разбирлив за словенските народи и извршија и мисија на поврзување на народите на Европа, ги потврдивме пријателските односи со Светата Столица, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил.

– Северна Македонија и Ватикан се цврсто поврзани со взаемна почит заснована на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.

Со папата Франциск се согласивме дека грижата за најранливите наши сограѓани во време на криза и почитувањето на разликите се столбовите на градењето на општество во кое има место за сите и дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, толеранција и човечко достоинство, пишува Ковачевски.

Ковачевски и делегацијата на Владата, што е во дводневна посета во Рим и Ватикан во рамки на традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беа примени од неговата светост папата Франциск.

Ковачевски имаше тет-а-тет средба со папата Франциск, а потоа и аудиенција на која беше придружуван од ќерката, како и останатите членови на делегацијата на Македонија – Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол, Даријан Сотировски, директор на Комисија за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски ректорот на УКИМ, Пимен Илиевски митрополитот на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски митрополитот на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов декан на струмичка епархија на Католичка црква и Марија Ефремова, амбасадорката на Македонија во Ватикан.

На аудиенцијата кај папата Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изразил благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.

– За време на разговорот на средбата со папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа.

Северна Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза, соопшти владината прес служба.

На средбата е поздравена и отпочнатата иницијатива за потпишување темелен договор (конкордат) помеѓу Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.

Премиерот Ковачевски истакнал дека на огромно негово задоволство со папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување.

Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Македонија, посочил премиерот.

-На средбата на премиерот Ковачевски и македонската делегација со папата Франциск се споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега. Било истакнато дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство, стои во владиното соопштение.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 160 случаи на Ковид-19, најмногу во Скопје и Тетово

Редакција

Буџетот на Општина Куманово за 2023 година 2,2 милијарди денари

Редакција

Бронзен медал за Петар Заборски од „Макпетрол“ на светската карате лига

Редакција