еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Историско признавање на Македонците во Грција: Официјално регистриран “Центарот на македонскиот јазик“

Центарот за македонски јазик во Грција соопшти дека официјално е регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција.

-Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата. Меѓу другото, Центарот за македонски јазик во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис, за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на нашата организација во судскиот регистар на невладини организации.

Сакаме да нагласиме дека во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција.

Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.

Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога ќе потсетиме дека македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува дел од населението во одредени региони.

Ваквото достигнување не претставува крај, туку почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција. Затоа, Центарот за македонски јазик во Грција во наредниот период ќе се насочи кон исполување на своите цели од статутот, кои го предвидуваат следново: изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија, поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.

Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме.

Македонскиот јазик е наше минато… и наша иднина!, велат од таму.

На фотографиите: заверен судски примерок од првата страница на Статутот на Центарот за македонски јазик во Грција, извадок од одлуката на Судот бр. 27/2022, 28.07.2022 година, извадок од Билтенот за судски одлуки и публикации бр. 10499, 07.11.2022 година и известување за решението изпечатено во весникот „Елефтеро вима тис Флоринас“, 21.10.2022 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кандидатот за премиер на Бугарија, Николов најавува ревизија на Договорот со Македонија или негово преразгледување

Редакција

(Фото) Со помош на ЕУ, отворен модерен спелеолошки тренинг центар во Гостивар

Редакција

И градоначалничката на Битола позитивна на Ковид-19

Редакција