еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Фото) Планинарење од Македонија до Албанија: Шаренилото од пејзажи, храна и традиција ви го обојува животот

Пограничниот регион на Македонија, Албанија и Косово, нуди бескрајни можности за планинарење и алтернативен туризам, што го докажа и новиот транснационален планински туристички производ High Scardus Trail (HST) кој ги поврзува планинските масиви во пограничните области на Албанија, Македонија и Косовo.

HST има вкупна должина од 495 километри, овозможувајќи создавање на тури со различни должини, траење и нивоа на тежина. Постојат 16 главни секвенци и бројни поврзувачки патеки кои водат до населени места и служат како влезни или излезни точки до / од главната патека.

Во рамките на промоцијата која се случи на 11 август во Пешкопеја, Албанија имаше и промотивно планинарење на две групи по две патеки патеки кои се дел од ХСТ: Битуше-Веливар-Хиноске и Торбешки мост-Кораб-Радомир (Погранична зона Македонија, Албанија). Јас бев во групата која тргнуваше од Битуше, Македонија и на која, крајна цел и беше Хиноске, Албанија.

Битуше е рајот во Македонија

Во Битуше бевме сместени кај Васе Божиноски, станоиздавач кој во рамките на проектот „Перспективи во иднина преку планинскиот туризам”, спроведен од страна Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ) беше поддржан за адаптирање на неговите сместувачки капацитети во куќата во негова сопственост.

Ноќевавме на 9 август, а вечерите во Битуше се незаборавни. Свежи, со пријатен планински воздух, зачинет со мирис на скара направена во фурната на Божиноски на видиковецот кој се наоѓа над куќата. Салата од свежо набрани домати, краставици, пиперки и сирење од Бистра. Што може подобро да му се понуди на странец, но и на домашен гостин кој го заборавил мирисот и вкусот на свежо набраното од бавча.

На 10 август на шестмината во Битуше, ни се приклучија уште тројца помеѓу кои и претседателот на Македонската асоцијација на планинарски водичи во планина Костантин Циривири, и воедно водич на групата. Од него, но и уште од неколкумина познавачи на тој планински масив и што тој регион нуди, потекнала идејата за ХСТ. Во рамките на проектот изработиле и мапи за поврзување на Македонија, Косово и Албанија преку Шар Планина и Кораб, Македонија и Албанија преку Јабланица и Галичица, Македонија и Косово преку Шар Планина.

Утрото се упативме кон врвот Веливар 2.373 мнм каде што требаше да се сретнеме со планинарите кои тргнаа од Попинар, Албанија и заеднички да се спуштиме кон Хиноске, Албанија. Врвот ко врв, средно тежок, со солидна маркација, со две-три стрмнини го искачивме во рамките на просечно предвиденото време за 4 часа со попатни паузи.

На Веливар ги почекавме планинарите од Албанија, а во меѓувреме уживавме во прекрасните пространства на планинини и врвовите, како и Св.Јован Бигорски на дланка, односно како точка гледан одозгора. Ниту една мисла не може да ти прелета, освен дека земјата ни е преубава! На планина времето има друга димензија, па оттука и она што (не) ти се врти во глава.

Откако ја пречекавме групата од Албанија, на врвот не се задржавме долго, имајќи го предвид облакот кој лебдеше над нас, и кој не следеше се до симнувањето до селото Хиноске во Албанија.

Хиноске во прегратките на планините и зеленилото

Спуштањето беше низ прилично стрмен предел и најдобро е да се прави со водич кој веќе го познава теренот. Кога дождот лаже, тогаш ранецот кој отприлика тежи околу 10 на килограми па и повеќе, го симнувате и качувате едно пет пати, за да ставите опрема на себе. И кога ќе си кажете дека веќе не облекувате јакна, тогаш врне најсилно.

Нас не фати на 10-15 минути пред сместувачките капацитети во Хиноске, и беше одлично истемпирано време, затоа што беше студен туш за да ја симне сета сол од телото. И после тоа само се исушивме. По природно, здравје!

Во Хиноске домаќините исто толку гостопримливи и услужливи како и во Битуше. Подготвија традиционална храна јагнешко под сач, алва, локално сирење подготвено од бачилото кое се наоѓа веднаш до куќите.

Местото се наоѓа на 1.600 метри надморска височина и таму, освен бенефитите на планински воздух, свежина, мирис на чај, го видовме и најубавото зајдисонце на планина. Не, не е зајдисонцето најубаво на море, на планина е уште поубаво.

Во Хиноске, подобрувањето на сместувачките капацитети и нудењето на услуги за алтернативен туризам исто така биле опфатени со проектот на ГИЗ. На 11 август утрината, се упативме кон Илнице, од каде што со комбе тргнавме кон Пешкопеја, каде што се одржа централниот настан за промоција на регионот Дибра како туристичка дестинација за алтернативен туризам во Албанија.

Во рамките на тој настан, Аница Палацо која е координаторот на проектот за Македонија рече дека 495 километри долгата мрежа на патеки го носи латинското име на најголемиот масив во регионот Шар Планина – Скардус, односно шарена планина.

И токму таков разнолик и шарен е и новиот производ ХСТ од аспект на бои, пејзажи, биодиверзитет, луѓе, традиција, храна.

Такво шаренило, едноставно не може а да не му дади убави бои на животот и на тој кој ќе ја помине таа траса, посебно луѓето со кои сте се дружеле на тоа патешествие. Се стекнуваат нови познанства и пријатели, за кои планината дава чувство дека се знаете од раѓање.

И тоа е така, бидејќи секој таму се враќа дома, односно кон исконското!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Оргинални за Свети Трифун: Вработените во Тиквеш на чело со Свето ја изиграа Jerusalema

Редакција

Скопје ќе го водат две жени: Бујаре Абази назначена за заменик-градоначалничка

Редакција

Во скопски Центар, Гази Баба, Лисиче, Ректорат и во Струмица два дена алармантно загадување

Редакција