Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска се вакцинираше во вакциналниот пункт во училишната сала на средното училиште „Перо Наков“ во Куманово.
Тој се заблагодари на медицинскиот персонал и на вклучените во процесот на вакцинација во Куманово.
– Ова е регионален центар, организацијата е добра, на високо ниво. Ги поздравувам здравствените работници, волонтерите од Медицинскиот факултет од Штип, претставниците на Црвениот крст, МВР, АРМ и да посакам што поголем број граѓани да го искористат правото, да се имунизираат, бидејќи тоа е најдобриот начин да се заштитиме од глобалната пандемија, изјави Димитриевски.
Градоначалникот апелираше граѓаните да се вакцинираат.
– И јас примив „Синофарм“, сите вакцини се добри, верувам дека сите се безбедни, упатствата сепак, ги даваат здравствените работници, додаде Димитриевски.
Општината претходно логистички помогна во процесот на имунизација во училишната сала „Перо Наков“ каде се одвива процесот на имунизација и според Димитриевски условите за одвивање на процесот се добри.
Во овој вакцинален пункт се спроведува масовната вакцинација на граѓаните од општините од североистокот, Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце.
МИА/Фото: Фејсбук/Димитриевски