еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Фото) Со премиера на „Медена земја“ заврши 10.„МакеДокс“

Со бурен и долготраен аплауз беа дочекани три моменти на последната вечер на 10. „МакеДокс“ на 28 август во Куршумли-ан.

Првиот беше објавата на наградата „Млад кромид“ – за најдобар филм на нови автори, која филмот „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја доби „поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап“.

Вториот восхитувачки момент беше излегувањето на комплетната филмска екипа на „Медена земја“ заедно со членовите на групата „Фолтин“ пред публиката по премиерната проекција на филмот во Скопје. Филмската екипа потенцираше дека по бројните проекции на филмските фестивали и бројните награди што филмот ги добива низ светот, оваа беше најзначајната проекција за нив, бидејќи беше прва пред домашната публика.

Одговарајќи на прашања од публиката поврзани со филмот, главната протагонистка Атиџе Муратова ја откри магијата за нејзината прва средба со филмската екипа, велејќи дека „имала животна мака што сакала некому да ја каже“ и дека режисерите Тамара и Љубомир ја пронашле во најтешките моменти во нејзиниот живот.

Третиот момент беше кога Атиџе се качи на сцената и испеја неколку песни од нејзината традиција на средината од концертот на „Фолтин“.

Последната вечер на 10. „МакеДокс“ помина со огромен интерес на публиката, а Куршумли-ан беше исполнет до последното столче.

„Дојдовме до крајот на јубилејното 10. издание на „МакеДокс“. Ова беше прекрасна година со импресивни впечатоци за нас, а огромниот интерес и сѐ побројната публика се награда за целиот фестивалски тим на „МакеДокс“.

Би сакала да им се заблагодарам на сите нив, на вас како публика и на сите гости кои направија убава атмосфера годинава“, рече селекторката на главната програма, Петра Селишкар, на затварањето на фестивалот.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржа од 21 до 28 август во Куршумли-ан и МКЦ, прикажа 70 документарни филмови во повеќе категории, од кои десет беа од македонски автори, организираше форум за копродукција заедно со Медиа Деск МК, имаше работилница за копродукција со Јана Цисар, мастер-клас одржа светски познатиот документарист Виктор Косаковски, беа поставени две изложби и, секако, круна на фестивалот беше премиерата на „Медена земја“, филм кој веќе е кандидат за наградата Оскар и за наградите на Европската филмска академија.

„еМагазин“ и оваа година медиумски го поддржа 10. издание на „МакеДокс“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Седум години „Лице в лице“

Редакција

(Видео) Пајдушко оро се играше на НБА натпревар во Вашингтон

Редакција

(Галерија) Македонката Елена Реи блесна во креациите на еден од најстарите и најдобри германски дизајнери Marc Cain

Редакција