Група вработени од ЕВН, во градскиот парк на Струмица поставија реквизити наменети за првиот парк за миленичиња во градот. Со ова и официјално се пушти во употреба местото каде што за прв пат, сите љубители на животни ќе може да поминуваат квалитетно време со своите миленичиња.
Елементите се направени од дрвени котури и гуми, за чија адаптација волонтерите на КЕЦ Струмица напорно работеа неколку денови.
„ЕВН Волонтира е проект на ЕВН кој трае повеќе од две години. Спроведени се околу 50 разновидни активности, а денес за прв пат во склоп на програмата се реализираше идеја за градење на парк за миленичиња. Човечки е да се направи добро дело, а од особена важност е да се направи добро дело за оние на кои им е неопходна човечка рака.
Се надевам дека овој парк ќе им послужи на миленичињата и на жителите на Струмица и околината да се забавуваат и да уживаат во секојдневните активности“, изјави раководителот на Корисничкиот енерго центар на Струмица, Александар Трлин.
Реализацијата на овој проект беше поддржана и од страна на општината. Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски изрази благодарност до ЕВН.
„Со големо задоволство го поздравувам и поддржувам проектот „ЕВН Волонтира” кој на Струмица и подари прекрасно катче за домашните миленици на граѓаните. Нашиот град за прв пат добива ваков парк и имаше потреба од него затоа што голем дел од граѓаните имаат свои домашни миленичиња и убеден сум дека тука заедно ќе поминуваат убави моменти.
Истовремено ова значи почисти јавни површини и поголема слобода на движење во градскиот парк за останатите граѓани. Голема благодарност до ЕВН и се надевам дека и други нивни проекти ќе бидат реализирани во нашата Општина за кои секогаш ќе ја имаат нашата поддршка“, изјави Јаневски.
ЕВН Волонтира е програма која започна во јули 2017, а до сега учесто земаа над 500 волонтери. Идејата на програмата е да се направи добро дело за заедницата со ангажирање на личен труд.
Пораката која се пренесува со секоја волонтерска акција низ државата, е дека секој од нас може и е способен да создаде поубава средина за живеење.