Познатите академски сликари, сопружниците Љубица Мешкова – Солак и Димитар Солаковски вчера го означија почетокот со работа на нивната „Solak gallery & concept store“.
Ова е една храбра бизнис одлука ако се знае дека приватните галерии се реткост на овие простори, за разлика од светот во кој тие се дел од општествената реалност.
„Нашата заложба е воспоставување на одржлива културна сцена во градот и секако промоција пошироко, а притоа уметниците би добиле можност да ги презентираат своите дела во еден современ простор кој ќе ги приближи до нивните купци. Имаме уметнички дела од реномирани македонски сликари и скулптори, а имаме и интересни парчиња применета уметност од веќе етаблирани дизајнерски уметнички брендови”, истакна Буба Мешкова – Солак.
Не треба да се чекаат подобри времиња, за да се приближи уметноста до вистинските почитувачи.
„SOLAK Gallery & Concept Store“ е новиот прозорец кон уметноста и применетата уметност која ја потпишуваат бројни македонски уметници кои овој пар ги избра да ги изложи на продажба во овој осмислен простор.
Има од прекрасни уметнички ситници до раскошни платна.