еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

(Галерија) Европските амбасадори во Македонија ни го чистеа ѓубрето

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија, амбасадорите на Австрија, Хрватска, Франција, Унгарија, Италија, Полска, Холандија, Романија, Шведска и Чешката Република, како и министерот за животна средина, Насер Нуредини, денеска учествуваа во акцијата за чистење организирана од Делегацијата на Европската унија.

Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, акцијата беше организирана по повод годинашното одбележување на Денот на Европа, како и во рамките на тековната кампања „За чисто како дома исто“.

Амбасадорите и министерот го чистеа просторот околу зградата на Централната пошта во Скопје, која минатиот месец беше ставена на списокот на Еуропа Ностра меѓу седумте најзагрозени локалитети на културно наследство во Европа за 2021 година.

Зборувајќи со еден глас, учесниците ја истакнаа важноста за заштита на животната средина и одржување на природата чиста, но ја истакнаа и важноста на грижата за културните обележја.

-Ние треба да го зачуваме културното наследство за идните генерации, а во исто време треба да ги зачуваме и природните ресурси и природната средина.

Нашата акција за чистење денес е во согласност со целите на Европскиот зелен договор: да го подобриме квалитетот на животот на сегашната генерација и да им оставиме поздрава животна средина на генерациите што доаѓаат.

Што се однесува до Централната пошта, Управниот одбор на Еуропа Ностра го препозна нејзиното извонредно значење како симбол на повторното раѓање на градот по земјотресот. Итно е потребна акција за зачувување и обезбедување на местото за да може повторно да се роди по втор пат, изјави амбасадорот Дејвид Гир за време на акцијата за чистење.

Нагласувајќи на важноста на чистата животна средина, министерот Нуредини рече дека заедно со европските амбасадори, се вклучува во акција на чистење на отпадот со цел, вели, да ја подигнеме свеста за одговорноста за отпадот што го создаваме.

-Од ова специфично место сакам да упатам порака дека местото на отпадот не е на улица. Мораме да ги градиме нашите навики, отпадот да го селектираме и да го одложуваме на местото што е определено за него доколку сакаме нашата околина да биде здрава.

Секој од нас треба да се однесува и надвор, онака како што се однесува во својот дом, за да нашите улици, паркови и секаде околу нас биде ‘чисто како дома исто’, рече министерот Нуредини.

Иницијативата, како што се наведува, следува по другите индивидуални акции за чистење на амбасадите на земјите-членки на ЕУ организирани во контекст на годинашниот Ден на Европа.

Покрај тоа, овој чин е и обид да се заживее кампањата „За чисто како дома исто“ и да се потсети дека има уште многу што да се направи во одржувањето на чиста околина. Во согласност со Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан, иницијативата се обидува да ја подигне свеста за важноста на собирањето и рециклирањето на отпад.

Со цел да се осигури дека со собраниот отпад се управува и тој се отстранува на еколошки начин, акциите за чистење се организираат во партнерство со Нула Отпад.

Фото: Делегација на ЕУ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Вечерва финале на Евровизија, Хрватска останува фаворит за победник

Редакција

(Видео) На момчето што го фати крстот во Штип се обидоа да му го земат

Редакција

Уште седум пратеници добија апанажа, засега 36

Редакција