еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Горан и Сандра Сиљаноски рачно изработуваат дрвени инструменти кои се ремек-дела

Горан и Сандра Сиљаноски од Охрид изработуваат инструменти кои слободно можат да се наречат ремек-дела. Во изработката на инструментите тие преферираат употреба на македонски дрва: орев, цреша, јавор и багрем.

Со изработката „официјално“ се занимаваат седум години, а неофицијално околу десет.

„Идејата потекна од мојот сопруг, Горан Сиљаноски, чија желба да има гитара според неговите желби, а не сериска гитара доведе да се посветиме на учење и преку многу проби, грешки, и успеси, да пристигнеме до денешното ниво на знаење.

Додека бевме на факултет започнавме со учење, одење на занает кај мајстори и следење на многу online часови. Како официјалнен датум на основање на GS Handcraft го сметаме јуни, 2012 година. Тогаш се преселивме во Охрид, изградивме наша работилница и ја започнаве приказната на GS Handcraft. Во бизнисот сме само јас и Горан. Всушност, името GS Handcraft стои за Горан и Сандра“, вели нашата соговорничка.

Сандра додава дека Горан е главниот мајстор за дизајнот и изработката на инструментите, таа е задолжена за комуникација со клиентите, набавка на материјали, како и за нанесување на финишот на инструментите. Инструментите се уникатни и секоја приказна започнува со првична консултација со идниот сопственик.

„Првичната идеја да не изработуваме копии на веќе постоечки модели на инструменти ја почитуваме и денес. Ако некој сака да свири Fender, тогаш треба да си купи таква гитара. Нашата идеја е да ги слушнеме идеите на идниот сопственик и да ги преточиме во инструмент со единствени карактеристики.

Досега имаме направено петнаесетина гитари, десетина барабани (snare drums) и еден комплетен сет тапани. Голем дел од нашата работа вклучува поправки, сервис и комплетни реставрации на различни инструменти. Во моментов ја завршуваме и првата акустична гитара целосно изработена во нашата работилница“, објаснува Сандра.

Во изработката на инструментите тие преферираат употреба на македонски дрва: орев, цреша, јавор и багрем.

„По потреба употребуваме увозни дрва за делови од гитарите, конкретно абонос што е еден вид стандард за fretboard на гитара. Митот кој е створен за дрвата кои обично се употребуваат за модерните електрични гитари е токму тоа – мит. Нема правило дека гитара направена од орев, багрем или цреша има послаб квалитет од гитара изработена од махагон или јавор.

Тоа го имаме докажано со нашите гитари и тапани кои се направени токму од македонски орев, цреша, баргем и јавор. Тие звучат одлично и може да се мерат рамо до рамо со било кој custom-shop инструмент“, додава таа.

Внимателно ги избираат дрвата кои ги употребуваат и поминуваат долго време во планирање пред да почнат со изработка.

„Секогаш ги почитуваме желбите на клиентите во однос на дизајнот и тоа има голем удел во убавината на инструментите. Не користиме конвенционални лакови, туку масло и рачно-нанесен shellac финиш, по рецепт на старите мајстори за виолини, што дополнително ја истакнува убавината дрвото и многуте детали кои ги вметнуваме.

А за енергијата и љубовта кон работата, тоа е друга приказна. Многу пати сме седеле „до сабајле“ во работилница, работејќи на некој детал се додека и двајцата не сме апсолутно задоволни од крајниот резултат“, објаснува Сандра.

Во однос на тежина на работата, имајќи предвид дека работата е рачна, нашата соговорничка додава дека ако вистински уживаш во нешто, тоа не е тешко.

„Ние сме внесени во работата од почеток до крај, и бидејќи сме само двајца, секој проблем го дискутираме детално и бараме најсоодветно решение. Секако, задоволството на лицето на клиентот кога прв пат ќе ја фати гитарата за која сонувал е многу голема награда“, вели нашата соговорничка.

Нивните гитари ги свират неколку релативно познати музичари во Македонија и надвор. Еден пример е гитаристот на струшкиот бенд Scattered, за кој изработилме гитара по инсипрација од моделот Majesty. Исто така, тапанарот на бендот Hardfaced е сопственик на првиот комплетен сет тапани од GS Handcraft.

„Од познатите музички имиња кои имаат наши инструменти можам да го издвојам Гаро Тавитјан. Тој го има првиот барабан кој го изработивме, нешто како signature модел“, вели Сандра.

Времето на изработка им зависи од желбите на клиентите. Многу голем дел од времето се троши на дефинирање на дизајнот и на конечната одлука за hardware (металните делови) кои ќе се употребат.

Откако ќе се заврши овој чекор, ги нарачуваат сите делови и вистинската работа може да почне.
Генерално за да се изработи еден барабан се потребни околу три недели а за една гитара се потребни околу два месеци.

Горан и Сандра засега немаат изложбен салон каде може да се видат и пробаат инструментите. Заинтересираните можат да ја посетат веб-страната и Facebook профилот за повеќе информации и слики од работата.

Заинтересирани луѓе има секогаш, но нивните клиенти се претежно од странство. Иако кај нас има луѓе кои би сакале да имаат наша гитара или тапан, најверојатно цената е ограничувачки фактор за многумина.

„Денес online може да се најде сé. Се уште имаме прилично ограничен маркетинг концепт, но работиме на развој на подобра маркетинг стратегија. За продажба во странство од огромна помош се нашиот Facebook профил и веб-страната на GS Handcraft. Сервиси и реставрации на инструменти од Македонија најчесто добиваме преку препораки од задоволни клиенти. Секако, нашата работилница во Охрид е отворена и секој е добредојден да ги види и слушне гитарите и тапаните кои ги имаме во моментот“, вели Сандра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Британска студија: Вакцинираните имаат помал ризик од продолжен ковид

Редакција

Ќе недостасуваат гуми за автомобили: Автомобилската по прехранбената индустрија, е вториот сектор кој најсилно е погоден од руско-украинската војна

Редакција

(Видео) Макрон вели дека е прерано за преговори со Македонија, Меркел се надева на компромис

Редакција