Во Кинотеката на Македонија, од 25 ноември се отвори традиционалната ликовна манифестација под мотото „Творење и креирање на дела од отпад од пакување“.
Годинава, на манифестацијата со свои творби учествуваа 150 млади ликовни уметници од неколку градинки, основни, средни училишта во Македонија и студенти, кои во соработка со ликовните педагози, изработија и презентираа скулптури и ликовни дела направени од отпад од пакување.
Изложбата се одржува под покровителство и спонзорство на Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак“ ДОО Скопје, во соработка со Детскиот Ликовен Центар – Скопје.
Наградени се две групни творби и три индивидуални награди за освоено прво, второ и трето место. Учесници, покрај од нашата држава беа од Србија, Босна и Херцеговина, Словачка и Црна Гора.
Наградата „Гранд При“ ја освоија учениците Тодора Бојаровска, Емилија Стојчевска, Дарко Ефтимов и Павел Каевски од СГГУГС „Здравко Цветковски“-Скопје од III-4 клас.
Прво место освоија Михаела Карадимче од ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, Скопје VIII а одд. и Стефанија Карадимче од СУГС Гимназија „Орце Николов“-Скопје I-9 клас.
Второ место освои Есра Хаџиу од ООУ „Дрита“ с. Рашче, Сарај од VII-2 одд.
Трето место освои Дамјан Наунов од ООУ „Лазо Ангеловски“- Скопје од V одд.
Наградата за индивидуално остварување ја доби Магдалена Богатинова од СГГУГС „Здравко Цветковски“-Скопје.
Настанот го збогатија со свое присуство проф. д-р Љупчо Коскаров и проф. м-р Дарко Мариновски и студентите од Интернационалниот унивезитет „Еуропа Прима“, со изведби на клавир, гитара и виолина.
Изложбата ќе биде достапна за посетителите од 8- 20 часот секој работен ден до 1 декември во Кинотеката на Македонија, библиотека „Другарче“, Карпош 3, спроти гимназијата СУГС „Никола Карев“ Скопје.