еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Видео) И пратениците порачуваат: Не суди, кој кого љуби

Започна националната кампања против насилство и дискриминација на ЛГБТИ луѓето под мотото „Не суди кој кого љуби!“, во која учествуваат пратеници од различни политички партии, членови на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ правата, пренесува lgbti.mk.

Целта на кампањата е да ја зголеми јавната свест за проблемот со насилството засновано на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и да влијае на намалување на предрасудите кон ЛГБТИ луѓето, кои доведуваат до прекршување на нивните права, а често ескалираат во физичко насилство.

„Во Коалиција Маргини заклучно со ноември 2018 се документирани 69 случаи во кои има различни облици на насилство врз ЛГБТИ луѓето. Во 4 случаи самите полициски службеници се сторители на вербално насилство. Непрофесионалниот третман од страна на полициските службеници, демотивирањето на жртвите да пријават случаи, непочитувањето на приватноста, исмевањето и виктимизацијата со која се соочуваат ЛГБТИ луѓето во полициските станици се проблем кој Министерството за внатрешни работи треба да го решава, меѓу другото, и со казнување на непрофесионалниот третман“, изјави Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалиција Маргини.

Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето изјави дека подобрувањето на законските решенија во врска со сексуалната ориентација и родовиот идентитет и нивната успешна имплементација се приоритет на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, која брои 14 пратеници и пратенички од различни политички партии во Собранието.

„Работата на оваа неформална парламентарна група, засега единствена во поширокиот регион и нејзиното формирање беше истакнато во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија. Исто така, една од главните цели на групата е борба против предрасудите, говорот на омраза, дискриминацијата и насилството, па затоа и се вклучивме како пратеници во оваа кампања“, изјави Морачанин.

Павле Богоевски, независен пратеник и заменик координатор на групата истакна дека борбата за внесување на сексуалната ориентацијата и родовиот идентитет под чадорот на системот за заштита од дискриминација трае скоро 10 години, но оваа заложба не можеше да го помине политичкиот филтер. Богоевски истакна дека во моментот има политичка волја, иако сé уште постојат бројни пречки поради кои законот веќе пет месеци е заглавен во законодавниот дом.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во домашниот банкарски систем, 62% од вкупната вредност на кредитното портфолио им припаѓаат на мажите, а само 38% на жените

Редакција

Заев и Ахмети се договорија за заеднички кандидат за претседател

Редакција

Гутереш повика на четиридневен велигденски хуманитарен прекин на огнот во Украина, почнувајќи од 21 април

Редакција