еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Галерија) Кунстхале Виена беше претесен да ги собере сите посетители кои дојдоа да ја видат солидарната колекција на МСУ

Преку 1.000 љубопитни посетители беа на големото отворање на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“ со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје, која ќе биде отворена се до 28 јануари 2024 година.

Галерискиот простор на Кунстхале, буквално беше претесен да ги собере сите оние кои трпеливо чекаа да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

На 1.000 метри квадратни, импозантните 94 избрани дела од солидарната колекција на МСУ во симбиоза со 50-те дела од шестмината современи уметници, делуваат импресивно во просторот.

Во изложбениот проект, вклучена е и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, кои наедно одржаа и предавање вчера пред виенската публика.

На официјалното отворање на изложбата, до присутните се обратија двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ, Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина и беа поздравени од посетителите со громогласни аплаузи и извици за поддршка.

Во Виена пристигна и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која присуствуваше на отворањето, Дејвид Гир, амбасадорот на Европската унија во Македонија, голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници од македонската амбасада во Австрија.

„Скопје и Музејот на современата уметност – Скопје, испишаа историја во Виена. Монументална изложба, чиста емоција, извонреден колорит, моќни дела и сликовит приказ за солидарноста“, возбудено коментираа оние кои беа таму синоќа“, се дел од коментарите на социјалните мрежи, веднаш по отворањето.

Современите уметници вклучени во изложбениот проект: Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), беа во центарот на вниманието синоќа.

Тие направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа.

Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан (Виена), направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.

Вчера, пред отворањето се одржа и конференција за печат пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми, на која говореа Гаќина и Саболовиќ.

Изложбата која ќе биде отворена до следната година, според искуствените статистики кои ги има Кунстхале Виена се предвидува да ја погледнат повеќе од 75.000 илјади посетители од целиот свет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Полицајци на Блаце пуштиле албански државјани да преминат на Косово, иако имало телеграма за нивно задржување

Редакција

Сега е време за вистински потези, порача хрватскиот премиер Пленковиќ од Скопје

Редакција

(Мега галерија) Израелскиот амбасадор Орјан навистина скока и прави „стој на раце“ каде ќе стигне

Редакција