Со синоќешното отворање на новогодишната населба „Винтерленд“ и светнувањето на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ симболично се означи почетокот на новогодишните празнувања во Скопје.
Настанот беше придружен со божиќните песни во изведба на 140 ученици од средношколскиот хор, од девет средни училишта на Град Скопје. Учениците на плоштадот „Македонија“ пристигнаа придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар кој изведе краток параден концерт од Старата железничка станица, низ улицата Македонија до плоштадот.
Новогодишната населба доби куќички украсени во зимски амбиент, катчиња за забава за најмладите, како и мала сцена за настани наменета за посетителите од сите возрасти на која во претстојниот период ќе се одржува богата културна програма.
Во рамките на „Винтерленд“, во периодот по 15-ти декември секојдневно ќе се организира богата културна програма од 18 до 23 часот. Просторот околу елката е организиран како дел за храна и пијалоци, каде што граѓаните ќе може да се дружат и да уживаат во понудата на околните куќички.
Топот за вештачки снег и лизгалиштето на мраз се новина во новогодишниот концепт на плоштадот „Македонија“ што од следната недела се очекува да бидат атракција во новогодишната релаксација на посетителите.
Фото: Град Скопје