еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

(Галерија) Ирена Ристиќ во интервју за „еМагазин“: Ако си на функција должен си да најдеш решение, а не оправдание

Личност на годината на „еМагазин“ е актерката и активистка Ирена Ристиќ, а изборот е направен од повеќе причини, и во секоја од нив, може да се препознае апсурдот.

Направи еколошко размрдување на свеста и совеста со „Не биди ѓубре“, грешките на системот ги лови како лавот својот плен и многу често ги чувствува на своја кожа, низ нејзини раце поминаа голем број на хуманитарни акции, секогаш e на страната на обесправените, а поради љубовта кон животните заврши на суд.

„Ај лав ју Петренце“

Со акцијата „Не биди ѓубре“, Ирена Ристиќ заедно со други активисти исчистија повеќе локации во Скопје и им ја завршија работата на оние, кои што се платени за тоа. Преку овие акции тие сакаат да ја подигнат свеста за почиста животна околина. Пораките се не загадувај, или ако веќе си загадил, исчисти си позади себе и службите кои се платени за тоа, да си ја вршат работата како што треба.

„Убава ни е дружбата и се радуваме на секој резултат што ќе го направиме. Се бавиме со сериозно ѓубре. На мала квадратура собираме по 70 вреќи ѓубре во сред центар. Кога собиравме само пикавци, собравме 20 вреќи. Тоа се напластени ѓубриња“, вели Ирена во разговор за „еМагазин“.

Работата на институциите според нејзе се сведува на оправдувања и наоѓање на изговори, што е недозволиво.

„Ако си на функција должен си да најдеш решение, а не оправдание“, додава таа.

Акцијата „Не биди ѓубре“ започна во август и од тогаш, секој викенд се на некоја локација. Се започнало со еден статус на една колешка, како сонувала дека глумците чистат, па Ристиќ искоментирала, да го исчистат кругот на Клинички центар.

„Пред да се појавиме во 10 часот во кругот на Клинички центар, службите имаа подзачистено. Но и на веќе исчистено, собравме 20 големи вреќи ѓубре. Не предухитруваа за повеќе акции. Ќе најавиме каде ќе чистиме, ќе отидат да исчистат, но повторно одевме и полневме вреќи бидејќи не исчистиле како што треба. Малиот паркинг позади Соборна беше типичен пример. Неколку пати чистеа едно мало просторче за на крај да заличи на нешто. Не е како што треба, но е далеку подобро од она што беше. И нема локација на која не сме нашле шприцови и игли“, додава Ирена.

Многу често се случува, отпадот што треба да биде дислоциран од одредено место, службите да го остават по неколку дена и тој повторно да биде расфрлан. Ги потсетуваат на Фејсбук за да си ја завршат работата.

Нејзе ја радува што полека се менува свеста кај народот, посебно кај поединци кои чистат околу нивните згради, што е поентата на нивната акција. Луѓето сами да се грижат за својот простор.

Ристиќ вели дека јадрото на „Не биди ѓубре“ кое го сочинуваат околу 15 активисти, знааат дека се предмет на шегачење на советниците на градоначалникот Петре Шилегов и на него самиот, но тоа не ги обесхрабрува, бидејќи како што вели, фактички, они се смеат на сопствениот одраз во огледало.

„Они не си ја завршиле работата, така што нема простор некој да се шегачи со нас. Јас на пример да бев градоначалник ќе излезев на прес-конференција ќе се извинев на граѓаните за изгубеното време и ќе направев се тоа да не се повтори. А не да не игнорира, и не после шест дена да ги собира вреќите. Затоа што функцијата на еден градоначалник е да собира ѓубре и да го регулира паркингот. Таму нема простор за фини нешта, таа работа е аргатска. И не ми е јасно зошто човекот се бави со нешто што очигледно не го сака. Таа ароганција негова е навредлива. Мислам дека може достоинствено да ја напушти функцијата и да ја препушти на некој кој барем за нијанса повеќе ќе си ја сака работата. Се чудам како, луѓето наеднаш заборавија за што се боревме. За што се боревме? Сега наеднаш имаме функција и не гледаме дека е валкано, или не гледаме дека градот е тотално нефункционален “, вели Ирена.

Дел од работните обврски кои градоначалникот не си ги завршил, Ирена многу често ги објавува на нејзиниот Фејсбук-профил под хаштаг „Ај лав ју Петренце“.

Кога сме кај соработката со градоначалниците, таа вели дека единствен позитивен импулс добиваат од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

„Човекот ни даде максимална поддршка која сега ќе ја развиваме во посериозна соработка. Имало куп фирми кои сакаат да не поддржат, но тоа треба прво да се разгледа, па потоа да решиме во кој правец ќе се развива“, вели Ристиќ која во оваа акција е најекспонирана, но позади себе има и други луѓе кои не сакаат да бидат експонирани, а подеднакви се вклучени во се што прави.

„Јас сум тука за лајкови. Се дефинирам себе како координатор на туѓата добрина. Мене не ме мрзи да ги спојам луѓето кои што имаат потреба од помош со тие кои се волни да помогнат. И тоа  е напорно, тоа е целодневна работа на телефон. Телефонот ми е канцеларија преку кој стапувам во контакт со сите, и така функционирам. И не е комплицирано. Затоа не можам да разберам како луѓето кои се на функции, кои се платени за тоа, имаат цела една структура под себе и ресурси, не можат да се координираат и да постигнуваат секојдневни резултати. Затоа што, ако јас како поединец можам да координирам 30-40 луѓе со превоз, со алати, со камиони, не разбирам како некој што е платен, тоа не го прави.  Заглавени сме во процедури наместо во акција, и тоа е залудно губење на енергија“, објаснува Ирена.

Ако си ги знаеш правата и се бориш за нив, ќе завршиш во Бардовци

Ирена ја избравме за личност на годината бидејќи учествуваше и спроведе бројни хуманитарни акции. Нејзините искуства со хуманоста на луѓето се различни, но вели дека најмногу потфрлаат политичарите.

„Кога со торбиче собирав пари низ протестите, најмалку даваа политичарите. Донираа по 100 денари за разлика од некои луѓе кои даваа по 500 по 1.000 денари. Имаше еден пратеник кој даде книжна десетденарка, иако кажав која е целта на собирањето на средствата. Освен еден бивши министер, мислам дека беше за економија кој сакаше да остане анонимен, за една акција ми даде поголема сума на пари, другите не верувам дека помагаат. Исто така, секогаш вешто ги избегнуваат моите објави кога пишувам за хуманитарна акција кога е многу итно, но кога ќе ги чепнам лично за конкретна грешка, ми се јавуваат за десет минути“, објаснува Ирена.

Ристиќ често пати предизвикува реакции на социјалните мрежи, таа додава дека за многу работи, сите знаат, но премолчуваат. Но таа не премолчува, па оттука трпи закани и навреди.

„Моите објави ги растресуваат заспаните мрежи, само затоа што гласно го изговарам, она што го мислат сите, а од разни причини го премолчуваат. Така често сум мета за навреди и закани. Стравот е се присутен, сите молчат. Како за монструмот од Кочани кој малтретира кучиња. Сите луѓе ми се јавуваа јас да сведочам. Но им велам дека не можам во нивно име, бидејќи за да се поведе постапка мора да има изјави од конкретни луѓе, а они се плашат. И таа ситуација си остана така“, вели Ирена.

Многу често, таа на своја кожа ги почувствувала слабостите, и нефункционирањето на системот. Не е единствена. Но е една од ретките која си ги знае правата како граѓанин, не премолчува и ја тера правдата до крај.

„Институциите се толку нефункционални до раб да се прашаш дали воопшто постојат. Мораш сам да се бавиш со закони, мораш сам да истражуваш за да не се заглавиш негде. МВР ја има заборавено својата основна задача а тоа е дека они се органи на безбедност, они се чувари. Не се орган на терор, страв. Таму има многу простотилак и ароганција, а тоа е сето од незнаење. Човек кога знае, не може да биде таков. Недозволиво е“, додава таа.

Според Ристиќ имаме закони за се, но немаме кадри кои тие закони би ги спроведувале.

„Полицајците кои се на терен не ги познаваат доволно законите. На дадена тема, треба многу добро да си информиран, за да можеш да се заштитиш. Тие одат на сила. Ако одговориш како што јас одговарав во Беко, тогаш ќе те однесат во Бардовци и ќе лажат дека те носеле на Клиника и ќе го објават тоа како службен документ. МВР решило да напише така, за да се извади себе си од погрешна водена постапка. Но за се има докази. Тие пробувајќи да се извадат од целата ситуација, уште повеќе се заглавија“, вели Ристиќ за случајот кога беше приведена кога чистеше пред Влада.

Вели дека целата тортура ја издржува само за да остане пример, за следниот пат кога ќе тргнат така да се однесуваат кон друг човек, да им текне дека можеби и тој ќе биде доволно гласен како и таа.

Работам со Нела Витошевиќ бидејќи го вади најдоброто од мене

Како актерка која смее до солзи и расплакува до болка, Ристиќ ги селектира луѓето со кои работи. Најчесто соработува со режисерката Нела Витошевиќ.

„Ги селектирам луѓето со кои работам, затоа што сметам дека претставата е врвниот продукт и не трпи оправданија од ниту еден тип како не можам, не знам, не се снаоѓам. Често соработувам со Нела бидејќи е вредна, принципелна, креативна, професинална и сето она што мене ми треба за да го извадам максимумот од мене“, вели Ирена и додава дека сака да сработи нешто на мајчин јазик, собира текстови, чита, ја знае екипата со која ќе работи и повторно претставата ќе ја режира Нела.

Претставата „Странци“ која одлично помина кај публиката на репертоарот на Драмски театар ќе биде поставена по празниците.

Во новата сезона на Преспав која стартуваше на 17 декември, Ирена ќе ја гледаме во седмата епизода.

„Една епизода имам оваа сезона што е грешка на продукцијата, но ќе се поправат белким“, додава таа.

Долго време наназад, фестивалите не и се репер за тоа што е најдобро, бидејќи има пазарење. Гостува и си заминува.

Желба за Нова година и е, со девојките од „Не биди ѓубре“ да купат косилица и на акциите од пролет да бидат по 100 луѓе. За периодот што следува сакаат да инвестираат во лопати за чистење на снег, за ако наврне да не ги изненади и да чистат каде што треба. Верува во резултати и тоа е она што ја крева во недела сабајле за нова акција.

Фото: Different Photography

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Личност на годината на „еМагазин“ е Ирена Ристиќ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Врање досега вакцинирани 2.032 Mакедонци, без закажување можно вакцинирање и во Ниш и во Нови Сад

Редакција

Радев и Петков на средба со Макрон за повлекување на бугарското вето за Македонија

Редакција

Професор Трајковски: Доколку сметаме со 1,7 милиони жители одвишната смртност во Македонија е 615 починати на 100.000 жители

Редакција