еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Гласање за уставните измени ќе има само доколку има потребно мнозинство

Претседателот на Собранието Талат Џафери објаснувајќи ја процедурата за пленарната седница за утврдување на потребата од уставните измени закажана за 18 август, изјави дека дебатата, согласно Деловникот, трае десет работни дена, но дека гласањето не мора да се одржи по исцрпување на листата на говорници затоа што, како што кажа, „Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување“.

-Прво, за 18-ти е закажана седницата за да почне расправата на пленарната седница по однос на иницијативата за уставни измени и таа во принцип трае не подолго од десет работни дена. Тоа е процедурата и тоа се роковите по коишто се раководиме. Чинот на гласање не е врзан за денот последен, така што, за да се има јасност по однос на постапки. Тоа го предвидува и Деловникот, тоа го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување.

Така што, до тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува и како ќе се случува. Во тој контекст формално Собранието ќе почне со работа на 18-ти, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено тоа зависи од конкретната состојба на тековните денови, рече Џафери.

На брифингот со новинарите тој исто така појасни дека нема краен рок за гласање по предлогот, но предупреди дека крајниот рок за завршување на постапката за носење на уставните измени е ноември.

Посочи дека има претходно искуство во Парламентот кога немало услови за гласање за уставни измени, и тоа било оставено да биде дополнително кога се создале услови за гласање.

В понеделник во Парламентот ќе се одржи редовна координација на која ќе се разговара за организациски работи за периодот по одморите имајќи предвид дека од 1 август формално пратениците се на одмор без оглед што на 18-ти ќе имаат обврска да дојдат на седница.

Џафери рече дека веројатно ќе се определи термин за средба на ниво на координатори пред почетокот на седницата за уставни измени на 18 август.

-Во секој случај таа комуникација без оглед дали ќе биде низ координација или ќе биде со соодветна комуникација преку средства за комуникации, значи телефонски, но во секој случај ќе се работи на организациски работи за ангажманите и ангажирањето на Собранието во наредниот период, рече претседателот на Собранието кој денеска го одржа месечниот редовен брифинг со новинарите.

Имајќи ги предвид неколкуте барања на пратеници од албанскиот блок за тргање на 20 отсто од Уставот во однос на албанскиот јазик, одговарајќи на новинарско прашање дали би можело тоа да стане дел од уставните измени Џафери кусо кажа дека „тоа зависи од одлуката која што ќе се усвои, ако се усвои од расправата на пленарната седница“.

За тоа ако пропаднат уставните измени дали тој би поддржал одржување избори, Џафери рече дека тоа не е предуслов за избори.

– Не е предуслов ако нема гласање за уставни измени да мора да се оди на предвремени избори. Предвремени избори може да се има само во една ситуација, а таа ситуација да се поднесе предлог – одлука за распуштање на Собранието и како што предвидува Уставот во рок од 60 дена од одлуката да се организираат избори, рече Џафери.

Досега, според него, нема разговори за техничка влада или за нејзино укинување, ниту, пак, најава дека до Собранието ќе бидат доставени измени или нов на Изборен законик, како и барање за избор на член на Државната изборна комисија откако Кренар Лога стана министер за правда.

До претседателот на Собранието освен известувањето на пратеникот од Беса, Басри Бајрами дека ќе функционира како независен, нема други известувања и покрај најавите на пратеници од ДУИ.

Претседателот на Собранието Џафери информираше дека привршуваат организациските работи за прославата на Илинден во Крушево, каде што тој ќе се обрати.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поднесени кривични пријави против сите поранешни обвинители од СЈО

Редакција

Милошоски по новата средба за иднината на СЈО: Власта не сака системско решение за ЈО

Редакција

Палмер: Спорот со Бугарија да се решава билатерално, надвор од ЕУ и НАТО

Редакција