еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Граѓаните донирале над 25,1 милиони денари, два камиони со храна, лекови и ќебиња тргнаа за Турција

Хуманитарната помош собрана од страна на Црвениот крст на Макеоднија денеска тргнува кон регионите погодени од земјотресите што минатиот понеделник ги зафати Турција и Сирија.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, информираше дека до денеска собрани се вкупно 25.120.773 денари парична помош, и два камиона со 800 пакети храна, 1.700 пакети со средства за хигиена и 4.000 ќебиња.

Турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизкок, од друга страна, информираше дека преку разни невладини организации и компании и, како што рече, со браќата и пријателите од оваа земја досега е реализирана испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали и 4.360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори, како и 18 агрегати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Што да донирате и како да им помогнете на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија

– Денеска сме тука заедно со амбасадорот на Република Турција да испратиме првична хуманитарна помош во материјални средства како резерви на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Пратката се состои од 800 пакети со храна, 1.700 пакети со хигиена и 4.000 ќебиња, истакна Саити на денешната прес-конференција.

Додаде дека ова е првичната хуманитарна помош и изрази надеж дека во соработка со фирмите и компаниите во наредниот период ќе се обезбеди дополнителна помош.

Тој апелираше хуманитарната помош којашто се донира согласно потребите на луѓето што се таму коишто според консултативните состаноци со турската Полумесечина, како што рече, повторно била истакната потребата од собирање на материјална хуманитарна помош пред се во ќебиња, шатори и вреќи за спиење, газиени лампи, итн..

– Во делот на остатокот од материјалната хуманитарна помош апелираме уште еднаш да се донираат намирници (пакети со храна и со хигиена), но сето тоа да биде ново, согласно стандардите за хуманитарна работа кои ние ги нарекуваме минимум стандарди затоа што останатото видовте овие денови – сведоци бевте на многу иницијативи, но за жал квалитетот на хуманитарната помош не е на задоволително ниво и сето тоа не може да се испрати, рече Саити.

Амбасадорот Секизкок, истакна дека во координација со Амбасадата на Турција овде во Скопје преку разни невладини организации и компании и, како што рече, со нашите браќа и пријатели од оваа земја досега реализирана е испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали и 4.360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори, како и 18 агрегати.

– Изразувам во оваа прилика благодарност до Северна Македонија која стои рамо до рамо со Турција за надминување на овие тешки денови, рече Секизкок.

На прашањето во однос на хуманоста на земјава во оваа ситуација, турскиот амбасадор одговори дека помеѓу Македонија и Турција постојат длабоко вкоренети историски и меѓучовечки односи кои уште еднаш се потврдуваат со денешниот настан.

– Би сакал да истакнам дека оваа моќна солидарност и признателност искажана во овие тешки денови секогаш турскиот народ со благодарност ќе се сеќава на оваа солидарност и признателност, рече тој.

Во врска со финансиската помош, изјави дека заклучно со минатиот петок во Турција е трансферирана сума од близу милион евра, но рече дека се води кампања во широки размери и за материјална и за финансиска помош.

– Во оваа насока сведоци сме на финансиската помош која се одлучува во советите на општините, тука се стопанските комори, Лекарската комора и низа други институции и установи од земјата, како и нашите браќа, нашите пријатели од земјава кои како што истакнав во широк размер организираат кампањи за помош на погодените региони.

Исто така, имавме една телевизиска програма која се одржа во една национална телевизија каде што исто така беше организирана кампања за прибирање на финансиски средства. Сега засега немаме точна информација колку се собрани на таа програма, меѓутоа уверени сме дека во наредниот период ќе продолжи оваа помош и овие акции, рече Секизкок.

Тој изрази голема благодарност и до спасувачките екипи не само од земјава, туку и од целиот свет и рече дека нивниот придонес е многу значаен во достигнувањето на ова ниво во спасувачките активности и, како што кажа тие екипи ќе бидат испишани со златни букви во историјата и во срцата на турскиот народ.

Во однос на прашањето дали има потреба од повеќе спасувачки екипи, амбасадорот истакна дека досегашните информации укажуваат дека нема потреба од дополнителни спасувачки екипи.

Секретарот на Црвен крст, Саити, дополнително информираше дека целата денешна организација за логистика, е донација од две фирми, Транслог ДОЕЛ Скопје и Интернационал логистик Арт ДОЕЛ Скопје.

– Во однос на прашањето колку се собрани средства заклучно со вчерашниот ден имаме 25.125.000 денари, од кои 12.900.000 денари се средства кои се собрани од телефонските повици, а остатокот се уплати и придонеси на жиро сметката на Црвениот крст, додаде Саити.

По катастрофалните земјотреси што на 6 февруари ги погодија Турција и Сирија, со епицентат во турскиот град Кахраманмараш со јачина од 7,7 и 7,6, бројот на жртвите надмина 36 илјади.

Во „катастрофата на векот” како што се нарекува во Турција, погодени се 10 провинции, вклучувајќи ги и Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа каде што живееја повеќе од 13 милиони лица.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Топ пет најзадолжени министерства

Редакција

ЈП „Стрежево“ Битола го демантира МВР за местењето на тендер за набавка на ратрак

Редакција

Годишен раст на вкупните депозити и кредити во август

Редакција