еМагазин
Image default
Македонија

Груевски се огласи на Фејсбук за новите истраги на СЈО против него

За новите истраги на Специјалното јавно обвинителство, на својот Фејсбук профил се огласи поранешниот премиер Никола Груевски.

Ви го пренесуваме неговиот статус:

„Новите 6 истраги на СЈО се само продолжување на политичкиот прогон кон сегашни и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а во контекст на слабеење на позициите на партијата и нејзини поединци, како и во контекст на промената на името по неуспешниот референдум.

Очигледно, од илјадници инвеститори и компании кои работеле во Република Македонија избрани се компании од Русија, Турција и Кина, со цел да се создаде слика дека ВМРО-ДПМНЕ било политички и економски ориентирано кон овие држави за да тоа, а не кон НАТО и ЕУ државите, иако јавно е познато дека по сите параметри, независно дали е увоз-извоз или странски инвестиции, над 90 отсто од соработката се со компании од држави членки на ЕУ и НАТО, како Германија, Британија, Америка, Белгија, Италија, Холандија итн.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше од сите земји во светот да привлече инвестиции и да создаде услови за добра бизнис клима, но најуспешна беше токму со компаниите на земјите членки ЕУ и НАТО.

Што се однесува до конкретните фабрикувани случаи, треба да се каже дека владата со цел привлекување инвестиции и стимулирање развој и градба ја намали почетната цена за градежно земјиште по едно евро метар квадратен при продажба на такво државно земјиште за изградба на куќи ширум цела Македонија, за индустриски капацитети, за хотели, за објекти од областа на образованието итн.

Истовремено владата за истите овие намени за 90 отсто ги намали комуналиите со цел да привлече инвеститори, да овозможи економски развој, а во делот на куќите да овозможи на поевтин начин граѓаните да дојдат до свој дом-куќа.

Ако за оваа политика бидеме обвинувани, тогаш чесно е да се каже колку милиони евра инвестиции во Македонија донесе оваа политика и колку работни места отвори. Отворањето на над 180 илјади нови работни места во време на владеењето на ВМРО не дојде случајно, туку со многу правилно осмислени и дизајнирани економски мерки.

Со тие политики привлековме, многу фабрики, градби на многу нови хотели, градби на многу нови куќи итн.

Како долгогодишен премиер на оваа држава чест ми е што овие политики ја доведоа Македонија во 10-те најатрактивни земји во светот и 5-ти во Европа според добрата бизнис клима и чест ми е што токму овие политики и почетни цени за градежно земјиште речиси две години по парламентарните избори новата влада ги нема променето и работи по истите услови.

Напоменувам дека земјиштето на кое се изгради Балканскиот универзитет е продадено на јавна електронска лицитација на која можеа да конкурираат и други кандидати од областа образование и дека цената од 1 евро квадрат е почетна цена која некогаш кога немаше други кандидати беше и конечна но најчесто имаше и други конкуренти и цената растеше при наддавањето.

Пред доаѓањето на ВМРО на власт имавме во изобилство неизградена земја низ градовите и селата, локации полни со шут и ѓубре и 39 отсто невработени луѓе, односно само 560 илјади вработени. Со новите политики на ниски почетни цени на земјата вработеноста од 560 илјади луѓе се искачи на 740 илјади вработени, а невработеноста опадна од 39 на 22 отсто.

Промената на уредбата на почетната цена на земјата не ја сменил еден човек, туку е сменета со одлука на владата и важи за сите.

Нашиот однос како влада кон сите инвеститори беше крајно пријателски и тоа многу помогна да ги убедиме инвеститорите да инвестираат во Македонија.

Патем речено, да напоменам дека од она што јас го знам инвеститор и сопстевеник на Балканскиот универзитет во Скопје се фондации и НВО кои се и хуманитарни и добротворни организации и во чии управни одбори членуваат првите луѓе на најголемите турски компании како Ефес Пилсен, Кока Кола, Ваикики, Халк Банка и повеќе други.

За жал денес не е така со коректниот и посветен однос кон инвеститорите и затоа ретко кога слушаме за нови инвеститори. И да потсетам: до 2006-тата, владата на СДСМ целокупното градежно земјиште во Македонија го продаваше без јавна лицитација и во 4 очи. Тој закон го смени и воведе транспарентна јавна лицитација токму владата на ВМРО кога премиер беше Никола Груевски, а министер за транспорт Миле Јанакиески.

Во врска со истрагата поврзана со финансирање и наводно превземање на 7 медиуми, треба да се знае дека распределбата на средствата за јавни кампањи владата го вршеше во целост согласно закон, откако претходно на јавен оглас ангажираше специјализирана куќа за медија планирање која зависно од видот и намената кон целни групи на кампањата како и рејтингот на медиумите, утврдуваше медија план врз основа на кој се распределуваа средствата за јавни кампањи од страна на државните институции кон медиумите.

Владата никогаш сама, без критериум и надвор од закон не вршела распределба ниту одлучувала каде и колку средства за кампањи ќе се наменат.

Ваквиот начин на финасирање на владини кампањи е присутен и во речиси сите други развиени држави. Неслучајно кога своевремено СДСМ го критикуваше законот по кој се распределуваа средствата за медиумски кампањи, немаше одговор на нашата понуда да предложат друг закон, но тој закон да е од некоја понапредна и поразвиена држава.

Оттука, никакви државни средства не биле незаконски префрлани на наводни превземени медиуми.
ВМРО-ДПМНЕ ниту имало ниту поседувало медиуми.

Владините кампањи дадоа одлични резултати во времето кога се емитуваа или реемитуваа и ја остварија нивната примарна цел: да влијаат на свеста на граѓаните за подобрување на некои лоши состојби, лошо или штетно општо прифатено однесување и обичаи, да информираат за многу можности, услуги и можности кои ги даваа државните органи со изменетите закони и реформи во тоа време, да афирмираат позитивни вредности во општеството како на пример повисоко и поквалитетно образование и знаење, итн.

За жал речиси година и половина живееме во време во кое нема што да се промовира, владата не прави реформи и не дава нови можности на граѓаните од што би произлегла потреба за нивно подетално информирање со цел искористување на тие можности.

Владата се занимава само со политички прогон на политичките противници за што преку закани од различен тип ги контролира најголем дел од медиумите, кои притиснати од тоа даваат подршка на политиките на владата и политичкиот прогон и фабрикувани случаи и монтирани случаи, под притисок и како што бара СДСМ, го прикажуваат како наводен криминал.

Останатите 4 случаи се исто така празни и фабрикувани.

Само човек кој не ги разбира или несака да ги разбере можностите за доаѓање до средствата кои Македонија 20 години се обидуваше да ги добие од Руската федерација како средства од поделбата на побарувањата на поранешните републики од поранешната СФРЈ може од тој успех да креира истрага.

Тука на СЈО можам да им препорачам две работи.

Нека испитаат како и зошто во време на СДСМ, Македонија прифатила долгот од 90 да се сведе на околу 60 милиони долари.

И нека проверат и пресметаат зошто СДСМ не успеала да ги повлече и искористи тие пари како долг кон нас и колку е загубено што тие пари не дошле пред 10 или 20 години во Македонија.

Само влада која го тераше народот да се вози во 20 години стари и амортизирани автобуси може да има комплекс на друга влада која речиси комплетно го обнови автобускиот возен парк во главниот град со нови и најсовремено опремени автобуси и при тоа еден дел од автобусите заради туристички имиџ и атракција ги набави во ретро дизајн.

Тука има уште една интересна работа. Со цел во ова чуствително време се изврши притисок и на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, истрага се води и за комисијата во министерство и за првиот човек во министерството, додека во случајот со продажбата на земјата на Балканскиот универзитет, комисијата во општина Карпош која била надлежна да ја продава земјата не е опфатена со истрагата бидејки како што дознав се работи за високи функционери од вториот ешалон на СДСМ, а опфатен е само градоначалникот на Стевчо Јакимовски кој веќе не е во СДСМ и кој не учествувал во постапката за продажба.

Накратко, политичкиот прогон кој се спроведува преку СДСМ продолжува и се интензивира. СЈО не е ниту независна, ниту неполитичка ниту непристрасна институција.

СЈО е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици и што подолго одржување на власт на СДСМ“, пишува Груевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Истрага „Пропаганда“ на СЈО: Како се ширела „пропагандата“ на Груевски со пари на граѓаните

Штета на буџетот од 80 милиони евра: 6 нови истраги на СЈО, осомничени Ставрески, Османи, Груевски…

Фото: Фејсбук/Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Максим Димитриевски трет кандидат кој собра 10.000 потписи за претседателска кандидатура

Редакција

Пендаровски се сретна со претставници на Македонците од Бугарија

Редакција

(Видео+Фото) СДСМ објави лична карта на Даниела Арсовска од Петрич

Редакција