еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Вакцинирани повеќе од 2.000 македонски државјани во Белград, денеска и утре се вакцинираат и 1.700 во Ниш

Белград овој викенд е центар за вакцинација на целиот регион. Денеска околу 5.000 жители од БиХ, Црна Гора и над 2.000 македонски државјани бесплатно се вакцинираа на Белградскиот саем со вакцините на АстраЗенека.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, колони автомобили со македонски регистарски таблички се упатуваа на Белградскиот саем, во Хала 3, каде се одвиваше вакцинацијата за странските државјани.

Двата реда во кои од рано утрово се чекаше со часови, беа долги речиси еден километар. Жители на БиХ, Црна Гора, Албанија и најмногу македонски државјани, нив околу 2.000, можеби и повеќе, трпеливо со пасошите во рака чекаа да дојдат на ред бесплатно да се вакцинираат, со 5.000 дози на АстраЗенека, колку што за денеска беа предвидени од српските власти за странските државјани.

Македонските државјани од речиси сите градови, изјавија дека аплицирале на српскиот владин портал за вакцинација е-Управа и дека добиле и-мејл со покана денеска да дојдат на Белградскиот саем да се вакцинираат со вакцините на АстраЗенека.

-Се пријавивме пред месец дена преку е-управа како странски државјани и во петокот добивме мејл да се вакцинираме денеска. Има многу луѓе од целиот регион и само ние видовме 15 наши пријатели Македонци, кои како и ние чекаат да се вакцинираат, изјави брачен пар од Скопје, кои додадоа дека морале да го чекаат полицискиот час во 5 часот, за да тргнат за Белград и дека имало големи колони на граничниот премин Табановце.

-Бидејќи кај нас не можевме, се одлучивме во Србија да аплицираме и еве чекаме да се вакцинираме, изјави жител на Велес, додека друг македонски државјанин од Скопје изјави дека аплицирал уште пред еден месец да се вакцинира во Србија, за други вакцини, но откако ја добил елекронската покана за АстраЗенека се решил со неа во Србија да се вакцинира.

-Редот беше поприлично голем, но важно полека се движи, еве дојдовме до пола за еден час и половина, се надевам за два до три часа да стигнеме да се вакцинираме, изјави жител на Скопје.

Познатата македонска актерка Тања Кочовска, која исто така трпеливо чекаше ред изрази благодарност до српските власти што овозможија и македонските државјани да се вакцинираат.

Покрај македонските државјани кои аплицирале за вакцинација, имаше и повеќе наши државјани кои се обидуваа без покана да влезат во Халата 3 на Саемот, а нив српските власти ги ставаа во посебна колона на процедура на чекање.

За МИА од српската Влада одговорија дека е „на Саемот е отворено вакцинирањето со Астра Зенека“ и дека „владата нема организирано вакцинација на македонски државјани“.

Но затоа денеска, преку Инвестицискиот коморски форум и Стопанската комора на Србија (ПКС), во соработка со српската Влада беа обезбедени 10.000 дози на вакцини на „Синофарм“ за бизнисмените и вработените од овој форум од Северна Македонија, БиХ, Албанија и Црна Гора.

Според ПКС, денес и утре околу 1.700 македонски стопанственици се вакцинраат во халата Чаир во Ниш.

-Овој чин е еден гест на српската влада и на претседателот Александар Вучиќ, стопанствениците од регионот да се вакцинираат и што побргу да се вратиме во нормален живот, повторно да работиме, да создаваме нови работни места, ние сме еден пазар пред се, изјави претседателот на ПКС, Марко Чадеж.

И утре се очекува и највено е исто така голем број македонски државјани да се упатат за Белград, на Белградскиот саем бесплатно да се вакцинираат со Астра Зенека.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали: Како да се пријавите за вакцинација во Србија

(ФОТО) Огромна гужва на Табановце: Македонците денеска и утре во „поход“ за вакцинација во Србија

Утрово до 10 часот на Табановце излегле 2.139 лица, велат од МВР

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Како изгледа канцеларијата на “Лидл“ во Скопје

Редакција

Владата да престане да ги третира учениците како експериментални глувци и да го врати предметот историја, велат од Демократски сојуз

Редакција

Нов позитивен случај на корона вирусот во штипска конфекција, која може да биде нов кластер

Редакција