еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Хан: Одлагањето на преговорите со Македонија може да има драматични последици

Во интервју за Агенција Европа, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ги предупредува земјите членки на ЕУ дека повторно одлагање на преговорите за Македонија и за Албанија би можело да има “драматични последици“ за целиот регион, јави дописничката на МИА од Брисел.

По пораките што пристигнаа од Париз вчера дека земјата останува резервирана за отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни годинава, Хан предупредува дека во прашање е кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот.

-Се работи за кредибилитетот на ЕУ, земјите членки сами го одредија јуни 2019 како датум за одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, одлагањето би можело да има драматичен импакт врз целиот регион, вели Хан.

Тој потсетува дека Македонија веќе десет години чека старт на овие преговори, блокирани поради спорот со Грција.

-Сега кога овој проблем е решен благодарение на политичката храброст и одлучност на двајцата лидери и кога констатираме одличен напредок во внатрешните реформи, би било многу разочарувачки ако отворањето на пристапните преговори повторно се одложи, вели комесарот за Агенција Европа и е уверен дека земјите членки ќе ја донесат “правата одлука“ како за Северна Македонија, така и за Албанија која, според него, исто така бележи добар реформски напредок, посебно во правосудството.

Еврокомесарот Хан, кој нема да присуствува на неформалниот самит во Берлин в понеделник посветен на Балканот, затоа што проширувањето не е на агендата, предупредува исто така дека ЕУ, и посебно скептичните земји, треба да внимаваат да не ја запостават оваа политика кон регионот.

-Ги поздравувам напорите на претседателот Макрон да ја зајакне надворешната и безбедносната политика на ЕУ, но тоа треба да започне со нашето соседство, западниот Балкан, посебно пред конкуренти како Русија, Кина и Турција кои не се заинтересирани на европските вредности и норми, вели Хан.

Тој додава дека е “убеден“ дека шефот на француската држава се согласува дека “не е во геостратешкиот интерес на ЕУ да се остави Балкан на други актери“.

-Но овој геостратешки ангажман ќе функционира само ако земјите членки, вклучувајќи ја и Франција, ја потврдат европската перспектива и ги признаат индивидуалните заслуги на земјите, додава комесарот во интервјуто.

На брифингот од Елисејската палата со новинарите вчера, Париз повеќе пати нагласи дека самитот в понеделник треба да биде посветен пред сѐ на регионалната соработка, иако уверува дека таа нема да стане замена за самото проширување. Хан, од своја страна, потсетува дека двата процеси се неразделиви.

-Соработката и стабилноста на регионот се во срцето на процесот на проширување на ЕУ, процесот на зачленување е основниот мотор на економските реформи и реформите на правната држава, кои се основа за секаков демократски развој, одговара Хан. Додавајќи дека “регионалната соработка како интегрален дел на процесот на проширување е суштинска затоа што без решение на билатералните спорови, земјите нема да можат да се зачленат во ЕУ“.

Франција и Германија в понеделник сакаат на земјите од регионот да им го покажат сопствениот пример на помирување и надминување на споровите, но еврокомесарот Хан потсетува дека постои друг скорешен и локален пример.

-Имаме понов пример кој доаѓа од самиот регион: Северна Македонија и Грција. Овие две земји успеаја заедно да го решат спорот за името кој тежеше врз нивните билатерални односи три децении, ова е историски успех кој на целиот регион испраќа сигнал дека дури и долгогодишните спорови можат да се надминат, вели Хан за Агенција Европа.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема промена на ставот на Франција за старт на преговорите со ЕУ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска многу топло – активирана жолта, а на југоистокот портокалова фаза за опасност од високи температури

Редакција

Собранието изгласа: Недела неработен ден од 1 јануари

Редакција

Многу топло време со високи температури до 6 август, долж Повардарието над 42 степени

Редакција