Во Управата за јавни приходи денеска се одржа прес конференција посветена на контролите извршени по воведувањето на мерката поврат на 15% од пресметаниот ДДВ на граѓаните.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска истакна дека во текот на вчерашниот ден извршени се контроли на фискални апарати кај даночни обврзници лоцирани на бул. Никола Карев, позната како Пластичарска улица и во општина Чаир кај вкупно 42 даночни обврзници.
„Неправилности согласно законот за регистрирање на готовинските плаќања се констатирани кај 12 даночни обврзници, од кои: кај 9 даночни обврзници е констатирано дека не издаваат фискални сметки за извршен готовински промет, кај 1 даночен обврзник констатирано е дека не поседува фискален систем на опрема а кај 2 даночни обврзници констатирано е дека не водат книга за дневни финансиски извештаи“, соопшти Лукаревска.
При контролите кај еден даночен обврзник одземена е интерната тетратка за дополнителна проверка преку ГПРС при што подоцна се констатира дека во периодот од 08.07.2019 до 20.08.2019 година даночниот обврзник имал промет од 400.870 денари, а преку ГПРС има евидентирано само 33.800 денари, што значи вкупно 407,000,00 денари нерегистриран промет.
За констатираните неправилности изготвени се записници и се спроведува постапка на порамнување согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.
На даночниот обврзник кој нема воведено во употреба фискален систем на опрема дополнително издадено е и решение со кое му се забранува вршење на дејност во деловната просторија во траење од 30 дена.
Со извршените контроли во два објекти констатирано е дека физичкото лице врши дејност – трговија без регистрирана фирма, односно како нерегистриран даночен обврзник и за истите се преземени мерки согласно Законот за даночна постапка.
Таа кажа и дека инспекторите биле оневозможен и да вршат контрола кај некои субјекти бидејќи истите ги заклучиле објектите откако ги виделе возилата на УЈП.
Контроли се спровеле и во Дебар, Кичево, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар, Струмица, Куманово, Крива Паланка, Дојран, Гевгелија, Прилеп и во повеќе скопски општини.
Предмет на контрола биле и познатите фестивали кои изминатиот период беа организирани во повеќе градови, како што се фестивалите одржани во Охрид, Пиво фест во Прилеп, Д Фестивал во Дојран, Струга Фест во Струга, Струмица Опен Фестивал и др.