еМагазин
Image default
Балкан

Хотелиерите од Халкидики подготвени да покријат 50% од трошоците за ПЦР тестовите на туристите

Намерата 50 отсто од трошоците за ПЦР тестовите за туристите чија дестинација е Халкидики да бидат покриени од членовите на Сојузот на хотелиери на Халкидики и на туристичката организација на полуостровот, ја изразува претседателот на двете организации, Григорис Тасиос говорејќи за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасиос, кој воедно е и претседател на Грчката федерација на хотелиери, вели дека тоа е иницијатива која била спроведена и лани во август.

-Туристот со дестинација Халкидики, тестот заедно со сметката ќе ги покаже при пријавувањето во хотелот и ќе му биде вратен половина од износот што го платил, објаснува Тасиос, посочувајќи дека со конкретниот предлог, го зајакнуваат размислувањето на Владата за отворање на копнените граници.

За АНА-МПА додава дека отворањето на туризмот се базира на три точки: сертификат за вакцинација или рапид тест или ПЦР тест.

Во однос на сертификатот за вакцинација, во интервјуто за солунското радио „Тесалоники 94.5“, Тасиос изразува задоволство од постигнатиот договор меѓу Грција и Израел и вели дека може дури од почетокот на мај да пристигнат првите израелски туристи, а не ја исклучува можноста билатерални договори да се склучат и со балканските земји.

-Полека полека се одмотува клопчето. Постои расположение да се отворат нашите копнени граници и постои раздвиженост за договори со земји од Балканот, иако загрижени сме во однос на инфраструктурата на царините на граничните премини, објаснува претседателот на Грчката федерација на хотелиери и истакнува дека ако не постои договор за сертификатот за вакцинација на европско ниво, тогаш Грција ќе треба да склучи меѓудржавни договори за да има предност во конкуренцијата со Шпанија и Турција.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

НАТО распоредува дополнителни сили на Косово

Редакција

Српската премиерка Брнабиќ со партнерката доби син, ќе се вика Игор

Редакција

Необичен случај во Грција: Таксист обвини актер дека го силувал под дејство на дрога

Редакција