Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело ,,несовесно работење во службата“, СВР Охрид, до надлежното Јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против Љ.А.(62), М.К.(60) и Г.С.М.(47), сите од Охрид, информира МВР.
Од ноември 2013 до август 2017 година Љ.А. и М.К. во својство на директор и помошник директор за економски работи на ЈЗУ „Општа болница“ Охрид, со пропуштање на должен надзор во вршењето на службените овластувања, на Г.С.М. и овозможиле продолжување на времетраењето на нејзините докторски специјализации од максимум утврдениот рок од 60 месеци и не ја задолжиле да се врати на работното место општ доктор во болницата.
Наместо тоа, Љ.А. и М.К. и овозможиле да остане уште 46 месеци на сметка на болницата исплаќајќи и плата и надоместоци без извршени работни задачи. На тој начин, тие и нанеле штета на ЈЗУ „Општа болница “Охрид од вкупно 1.240.727 денари.