еМагазин
Image default
Бизнис

И експертите против идејата за дислокација на објектите за игрите на среќа

Ставовите на движењето „Антикоцкање“ од Тетово кои иницираа предлози за законски измени кои, доколку бидат прифатени би ги дислоцирале објектите каде се организираат игри на среќа надвор од урбаните средини, ја разгоре дебатата во јавноста. Гласот го кренаа и двете здруженија, Асоцијацијата за приредувачи на игри на среќа – АПИС и Асоцијацијата на спортски обложувалници – АСО кои со свои аргументи демантираат дека оваа дејност е незаконска.

Тврдат дека околу 7,5 илјади луѓе ќе изгубат работно место, кои со вработувањето обезбедуваат редовна плата, но и можност за дополнителна заработка за работа на празници и ноќни часови. Тоа им обезбедува сигурност и стабилност и им дава можност да ја планираат својата иднина во земјата. АПИС и АСО предупредуваат дека доколку овие млади луѓе ги загубат своите работни места, се ризикува да ја напуштат државата, што би било погубно.

Потоа околу 600 локации на кои се изнајмуваат објектите ќе треба да бараат нови закупци, што значи и тие ќе го изгубат својот приход на одреден период. Ги наведуваат и сите бизниси и индустрии кои соработуваат со нив, односно дека оваа дејност индиректно поддржувале и помагале речиси 54.000 работни места.

Исто така, благодарение на игрите на среќа се влеваат значителни средства во државниот буџет, бидејќи оваа дејност плаќа високи даноци и придонесува со вкупно една четвртина милијарди евра во државниот буџет. Конкретно, со 4% учествува во бруто-домашниот производ. Па така, републичките и локалните буџети во 2018 од оваа дејност инкасирале вкупно 253 милиони евра.

Ова се пари кои се користат директно за потребите на сите граѓани во државава. За разлика од АПИС и АСО, претставниците на „Антикоцкање“ од Тетово тврдат дека игрите на среќа предизвикуваат зависност и бараат да се оддалечат објектите од училиштата и од верските објекти, како и да се обезбеди начин со кој дел од приходите на објектите за игри на среќа би се намениле за поддршка на програмите на локалните заедници во кои стопанисуваат компаниите што организираат игри на среќа.

Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, примија делегација на движењето „Антикоцкање“ од Тетово при што нагласија дека владата со внимание ги следи дебатите на оваа тема и дека надлежните институции темелно ќе ги анализираат аргументите, особено заради фактот што грижата што произлегува од барањата на движењето се однесува на децата и младите.

Во јануари, на новинарско прашање, премиерот Заев, изјави:

„Дебатата е отворена од граѓаните и предизвикува внимание заради нашите деца и близината на училиштата, но она кое што го гледаме како искуство од Албанија е дека и со радикални мерки, тие што се коцкаат, не престанале да се коцкаат, а 5-6 илјади граѓани работат во обложувалници, казина и слично. Така што, откако ќе ги видиме сите ефекти и мерки и ќе носиме одлука“.

И АПИС и АСО истакнуваат аргументи дека искуствата од ЕУ, а особено од нашите соседи како Албанија и Грција потврдуваат дека со радикални чекори не се постигнува ништо туку се создава плодна почва за нелегални игри на среќа од кои државата нема да има никаков бенефит.

На таа линија е и професорот на Правниот факултет, Александар Климовски кој е единствениот кој има учебник за оваа проблематика и го предава како предмет, кој во интервју за „Фактор“ укажува дека евентуална забрана ќе го пресели бизнисот со игри на среќа во „сива зона“.

„Игри на среќа имало и ќе има, а овој феномен е практично невозможно да се искорени. Целосната забрана само ќе го пренесе од легална и контролирана зона, во „сивата“ зона која може само да го зголеми криминалитетот во една држава и да ја стави во трошок државата во негово сузбивање.

Покрај домашните корпорации кои приредуваат игри на среќа, имаме и странски корпорации со свои вложувања и искуство во овој бизнис на светско ниво.

Благодарејќи на добрата регулација и на пазарната економија, но и на силната конкуренција меѓу приредувачите, можеме да кажеме дека понудата на игрите на среќа кај нас е на завидно ниво и не заостанува зад понудата која постои во развиените земји.

Хрватска има скоро иста регулатива како нашето законодавство, овозможувајќи добри бизнис услови на полето на игрите на среќа. Србија е исто така пример во оваа насока.

Од друга страна, ја гледаме Албанија каде што заради политички опортунитет се преземаат политичко-популистички и анти-пазарни чекори“, вели Климовски.

АПИС во својата кампања „100% законски – забрането за малолетници“, ја информира јавноста дека во нивните објекти одамна се имплементирани највисоките стандарди на ЕУ и дека како носители на светски реномирани франшизи од оваа дејност се поборници за строга државна контрола на сите форми на игри на среќа. Потенцираат дека уште лани до парламентот доставиле свои предлози за уште поквалитетен законски опфат на оваа дејност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колку ќе загуби државата од измените на Законот за игрите на среќа?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За три месеци осигуреници наплатиле 16 милиони евра, бројот на исплатени штети пораснал за 30%

Редакција

Кои се членовите на Одборот на директори на Витаминка

Редакција

Поскапуваат горивата

Редакција