еМагазин
Image default
Спорт ТОП СТОРИИ

Империјата на големата легенда: Колку беше богат Коби Брајант?

Наследството на Коби Брајант се протега надвор од неговото време на кошаркарскиот терен. Тој беше познат и во деловниот свет како нов производител на брендови, инвеститор и ментор на други спортисти и основачи на компании, објави Си-Ен-Ен.

Брајант, како што е познато, почина во неделата во хеликоптерска несреќа во Калабасас, Калифорнија на 41-годишна возраст.

„За 20 сезони, Коби ни покажа што е можно кога извонреден талент се меша со апсолутна посветеност кон победата“, рече менаџерот на НБА, Адам Силвер во изјавата во неделата.

„Тој беше дарежлив со мудроста што ја стекна и виде како своја мисија да ја сподели со играчите на идните генерации“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Најдобрите 50. натпревари на единствениот Коби Брајант

(ВИДЕО) Легендарниот Коби Брајант и ќерка му загинаа во хеликоптерска несреќа

Надвор од теренот

Брајант ја диверзифицираше кариерата со тоа што влезе во светот на инвестициите пред да замине од НБА. Во 2013 година, тој ја основаше фирмата за вложување капитал „Брајант Стибел“, заедно со основачот на web.com, Џеф Стибел.

Кога е основана компанијата, Брајант го следеше моделот на други спортски легенди кои беа во можност да ги претворат вештините развиени на теренот во деловен успех.

Ирвин „Меџик“ Џонсон беше меѓу првите во 1987 година што основа инвестициската фирма „Меџик Џонсон Ентерпрајзс“, која инвестира во голем број големи бизниси, вклучувајќи ги „Старбакс“ и аеродромот „Ла Гвардија“ во Њујорк.

Компанијата на Брајант има повеќе од 2 милијарди американски долари средства, со инвестиции во десетици компании за технологија, медиуми и податоци. „Брајант Стибел“ има најмалку 10 успешни инвестиции, вклучувајќи во „Дел“ и „Алибаба“. Таа, исто така, има инвестиции во креаторот на „Фортнајт“ – „Епик Гејмс“, компанијата за дигитални плаќања „Кларна“ и компанијата за производи задомаќинство„Онест компани“.

„Мора да има силни претприемачи. Тоа е клучот за нас – да ги гледаме луѓето“, рече Брајант во интервју за „Си-Ен-Би-Си“ во септември.

„Да, важно е да имаме и поврат, нели? Но, исто така е важно да се има одлична можност, одлични односи со нашите инвеститори, одлични можности со нашите претприемачи да им помогнеме да растат и да ги стават во ситуации тие да бидат успешни“.

Покрај компанијата, Брајант заработи и милиони долари во својата инвестиција во спортскиот пијалок „Боди Армор“, кој во 2018 година ја зголеми својата вредност, со продажба на удел на „Кока-Кола“.

Угледот на Брајант како ѕвезда спортист и креатор на брендот беше еден од клучевите за успехот. Во 2016 година, тој ја основа „Гранити Студиос“, медиумска компанија која се фокусира на креативни приказни околу спортот.

Со оваа компанија, кошаркарската sвезда напиша сценарио за краток филм наречен „Драга кошарка“, кој ја освои наградата на Академијата за најдобар краткометражен анимиран филм во 2018 година.

„Гранити“ објави и сет книги за млади, заедно со автобиографијата на Брајант наречена „Менталитетот на Мамба: Како играм“.

Градењето на брендот „Црна Мамба“

Брајант, познат во кошарката како „Црна Мамба“, започна да ја гради својата марка како спортист рано во кариерата со рекламирање на „Најк“. Брајант за прв пат потпиша договор со компанијата во 2003 година.

Тој беше еден од елитната група на НБА играчи кои потпишаа со брендот оваа година, вклучувајќи ги Леброн Џејмс и Кармело Ентони. Ова помогна на спортската компанија да ја зацврсти својата позиција во кошаркарскиот свет во текот на следните неколку децении по пензионирањето на Мајкл Џордан во 2003 година.

Со успехот на Брајант на теренот, неговото партнерство со „Најк“ се зголеми. Марката лансираше бројни обувки и опрема на Коби. Во 2017 година, компанијата го изведе Брајант на сцената со тогашниот извршен директор Марк Паркер на својот годишен состанок за инвеститори за да го означи започнувањето на новата деловна стратегија на „Најк“.

Компанијата за спортска опрема се здружи со Брајант и Клубот за момчиња и девојки во Лос Анџелес, за отворање на младинска кошаркарска лига во 2017 година, наречена „Мамба лига“, давајќи им на стотици деца слободен пристап до спортот.

Подоцна, Брајант ја основаше Спортската академија „Мамба“ за да обезбеди поширока можност за спортување во голем број спортови.

Брајант беше на пат за натпревар во Спортската академија „Мамба“ во неделата кога неговиот хеликоптер се урна.

Брајант исто така учествуваше во иницијативата на НБА лигата да ја прошири својата публика и надвор од САД, особено во Кина.

Во 2015 година, тој работеше со групата „Алибаба“ да го објави документарецот за кошаркарската sвезда „Музата на Коби Брајант“ преку „Тмал меџик бокс“ во Кина. Договорот вклучуваше и работа со Брајант за создавање на нова платформа за социјални медиуми „што ќе доведе до нови можности за поврзување на младите луѓе во Кина директно со Коби и неговите филозофии“, се вели во соопштението од„ Алибаба“ во кое се најавува партнерството.

Компанијата, исто така, продава редица производи со брендот „Коби“ на својата платформа за малопродажба.

Брајант, исто така, во текот на својата кариера имал договори за рекламирање со голем број други брендови, вклучувајќи ги „Мекдоналдс“, „Спрајт“, „Нинтендо“ и „Туркиш ерлајнс“.

МИА/Фото: abc7.com

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Германскиот конзулат во Истанбул затворен поради опасност од напад

Редакција

Судбината на Груевски во рацете на осумтемина пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

На Денот на независноста на Косово, албанската опозиција во Македонија потпиша декларација за обединување

Редакција