Во периодот од 11-ти до 17-ти јануари, од страна на седумте инспекциски служби, се спроведени вкупно 4.817 надзори и контроли, информираат од Влада.
При спроведените надзори, Државниот пазарен инспекторат, изрекол 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози.
„Во истиот период, се забележува намалување на бројот на издадени решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус.
Во изминатите седум дена Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 117 надзори, врз основа на кои изрече 20 решенија.
При тоа, овој инспекторат којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 6.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од Ковид-19, со што продолжува трендот на опаѓање на решенија за изолација,“ се вели во соопштението
Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршиле 3.159 контроли и 582 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна и според материјалните закони.
„При спроведените надзори, изречени се 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози.
Од вкупниот број на решенија, пет решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за две угостителски објекти во Скопје и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово и Куманово, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса.
Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози,“ се додава во соопштението.