еМагазин
Image default
Бизнис

ИРЛ: Лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршиле на нашиот пазар

Брзиот имонулошки тест којшто во Македонија се нудеше во болницата „Систина”, не е од холандски производител како што се тврдеше, туку е кинески и е препакуван во Холандија и нуден како европски, а дополнително тестот за кој се тврдеше дека е 92,9 проценти прецизен, според експертите е обично „ѓубре”, пишува ИРЛ – Истражувачката репортерска лабораторија Македонија.

ИРЛ пишува дека 50.000 тестови на Биозек биле увезени во Северна Македонија, според царинските записи, додека првите 500 брендирани тестови Биозек пристигнале во средината на март во болницата „Аџибадем Систина“ за осум евра од тест.

– Тимот репортери откри далеку поголеми проблеми на глобално ниво со овој тест. Тестот е кинески и не е прецизен, препакуван е во Холандија и нуден како европски.

Oткриваме најмалку три брендови кои продавале тестови направени од кинески производител со европски и американски етикети.

Тестовите се продадени на властите, здравствените институции и клиниките во земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Индонезија и Русија.

Да се ​​купат и да се овозможат тестови како ова е легално. Меѓутоа, залажување на граѓаните за нивното вистинско потекло и за перформансите на тестот, сепак не е, пишува ИРЛ во анализата „Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ“.

Во анализата ИРЛ споделува пример со македонскиот државјанин Роџер Зекировски, кој добил негативен резултат на ваков тест направен во приватна клиника за само 20 евра, додека три дена подоцна починал, а официјалните резултати од постмортниот тест покажале дека тој бил заразен со САРС-КoВ-2 , вирусот кој го предизвикува КОВИД-19.

Со ваквиот лажниот негативен тест тој ги изложил на ризик своето семејство и најблиските со кои бил во контакт откако го добил лажниот „негативен тест“.

– Брзиот тест никогаш не ни требало да се понуди како алатка за дијагностицирање и ниту рекламирањето било точно. Тестот – продаден од холандската компанија Инзек Интернешнал Трејдин под брендот Биозек – беше еден од најмалку три брендови на брзи тестови за корона вирусот издаден од европски и американски производители, кои всушност се ре-брендирани од популарен кинески тест.

Тестот произведен од Хангзоу Аллтест Биотех Цо. Лтд, во неколку независни испитувања се покажал помалку точен отколку што се тврди. Сепак, милиони тестови се продаваат низ целиот свет.

Честопати се продаваат и промовираат како квалитетен европски производ, во имплицитен контраст со помалку престижните кинески произведувачи. Купување и ребрендирање на вакви тестови е легално и во Соединетите Американски Држави и во земјите на Европската Унија.

Сепак, неточно информирање на потрошувачите и пациентите, е нелегално, се вели во анализата на ИРЛ.

Истражувањето е во соработка помеѓу ИРЛ Македонија, ИПРИ Италија, МулИпри Медиа, Бивол Бугарија, Крик Србија. Инвестико Холандија, Важни стории Русија и Темпо Индонезија. 

Пред извесно време „Аџибадем Систина“ најави дека „до конкретни лица ќе поднесе кривична пријава за загрозување на јавното здравје преку невистинитите информации кои ги пласираат во јавноста и ширење паника преку изнесување лажни вести“ во врска со брзите тестови за Ковид-19 кои што се користат во оваа болница.

Од „Аџибадем Систина“ рекоа дека овие тестови се набавени од холандска компанија со која имаат ексклузивен договор за соработка, а истата е дистрибутер на овој бренд на тестови кои ги произведува друга компанија, исто така од Холандија.

МИА/еМагазин/илустрација: ИРЛ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мажите имаат полесен пристап до финансии за разлика од жените, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска

Редакција

Промени во Надзорниот одбор на „Скопски пазар“: Фатмир Етеми еден од новите членови

Редакција

Владата „крчка“ нов закон за градење: Се менува постапката за добивање одобренија

Редакција