еМагазин
Image default
Бизнис

ИСОС: Патот кон прифаќање на меѓународните сметководствени стандарди и професионални принципи не е лесен, но е единствен и затоа мора да го поминеме

Во пресрет на 10. Ноември – Меѓународниот ден на сметководството, Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) упати честитка до сите поединци и деловни субјекти кои ја извршуваат оваа исклучително значајна професија во нашата земја, истовремено потсетувајќи на нејзината улога и значење за економскиот и вкупниот општествен развој.

„Една од основните цели на ИСОС е унапредување на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште, пред сѐ со земјите во регионот, а потоа и со членките на ЕУ и на останатите развиени земји во светот.

Свесни сме дека оваа цел може да се оствари само доколку обезбедиме во нашата земја да доследно да се почитуваат законските прописи, како и принципите за интегритет, објективност, професионална компетентност, доверливост и професионално однесување кои се дел од Меѓународниот кодекс за етика на професионалните сметководители, донесен од страна на Интернационалната федерација на сметководители (ИФАК) и се воведат и користат меѓународните стандарди за финансиско известување.

Овој пат е тежок, но не постои полесен и сите ние мора да го поминеме“, истакна претседателката на ИСОС, Весна Прентоска во својата честитка по повод Меѓународниот ден на сметководството, упатена до сите сегашни и поранешни членови на Институтот, како и до сите останати кои се дел од оваа професија и на различни начини придонесуваат за нејзиниот развој и етаблирање во општеството.

Осврнувајќи се на потребата од воведување и примена на меѓународните сметководствени стандарди во нашата земја, претседателката на ИСОС истакна дека со нив ќе се обезбеди конзистентност на финансиските извештаи и нивна споредба на глобално ниво, што е исклучително значајно за домашните компании, бидејќи ја зголемува нивната ефикасност и конкурентност, креирајќи нови можности за инвестиции и соработка со други компании во глобални рамки.

Најголема полза од овој процес ќе имаат самите сметководители, затоа што работењето според меѓународни стандарди гарантира поголем квалитет и висок степен на професионалност, што значи и поголемо вреднување на нивниот труд. Тоа ја става целата професијата на највисоко ниво и значајно придонесува за истиснување на нелојалната конкуренција во струката, која моментално е присутна.

Дополнително, од примената на меѓународните сметководствени стандарди придобивки ќе има и државата, затоа што тоа ќе придонесе за подобра и поефикасна наплата на даноците, намалување на даночната евазија и на сивата економија, која од различни релевантни извори е оценета како особено изразен проблем и  пречка за развојот на националната економија.

„Примената на етичките норми и принципи пропишани со меѓународниот кодекс, како и на меѓународните сметководствени стандарди ќе ја зголеми атрактивноста на нашата професија, особено меѓу младите, и истовремено ќе нѐ приближи кон полноправно членство во Интернационалната федерација на сметководители (ИФАК) која ги застапува интересите на повеќе од три милиони професионални сметководители ширум светот и која обезбедува пристап до најдобрите светски практики од оваа област и нивна примена во нашата земја“, потенцираше Прентоска.

Институтот на сметководители и овластени сметководители  e професионално здружение, основано согласно Законот за вршење на сметководствени работи кое обезбедува организирано делување и застапување на интересите на неговите членови.

Институтот е независна, неполитичка и непрофитна организација во која членуваат повеќе од 8.000 сметководители и овластени сметководители кои ја извршуваат оваа дејност во нашата земја, без оглед на нивната национална, верска, родова, политичка и друга припадност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Светски ден на штедењето: Граѓаните чуваат 4,5 милијарди евра во банките

Редакција

Почесна диплома за Светозар Јаневски од Меѓународната федерација на вински братства за значајни достигнувања во винската индустрија

Редакција

„Дрисла“ го доби тендерот за собирање 266.000 килограми медицински отпад од Клинички центар вреден 254.000 евра

Редакција