Мастеркард ги објави резултатите од MasterIndex истражувањето за финансиските потреби и навики на активните сопственици на картички во Северна Македонија.
Оваа студија нагласува дека земјава е пазар со доминантно дебитно плаќање – 93.7% од испитаниците поседуваат дебитна картичка, додека 22% од испитаниците имаат и дебитна и кредитна картичка. Само кредитни картички имаат 28% од испитаниците.
Ако се споредат податоците со оние од Србија и Бугарија, се забележува дека сѐ поголем број потрошувачи од овие две земји се расположени да ги користат поволностите што ги даваат картичките при пазарење отколку во Македонија.
Во Србија околу 80 отсто од испитаниците се изјасниле дека поседуваат дебитна картичка, додека во Бугарија тој процент е уште повисок и изнесува 98%. Во однос на кредитните картички, Бугарија и Србија се прилично израмнети. Односно, по 40% од испитаниците во двете држави се изјасниле дека поседуваат кредитна картичка.
Податоците покажуваат дека сопствениците на картички сè подобро ги усогласуваат различните финансиски производи со сопствените потреби. Освен тоа, MasterIndex истражувањето покажа дека 71% од испитаниците ја користеле картичката најмалку еднаш неделно.
Односно, 70% од Македонците користат дебитните картички најмалку еднаш неделно, што е знак дека платежните картички имаат стабилна улога во секојдневното пазарење.
Во Србија, исто така, околу 70% од испитаниците ја користеле картичката најмалку еднаш неделно, додека во Бугарија – 80% од испитаниците. Во двете земји се наведуваат слични причини за користење на картичките, како што се безбедноста во секојдневните плаќања, едноставноста и практичноста.
Од готовина до безготовинско плаќање
Резултатите од MasterIndex илустративно ја покажуваат употребата на картички во секојдневните комерцијални активности и дека дебитните картички најчесто се користат за купување храна (58%), облека (20%), плаќање месечни сметки и бензин (по 15%).
Кредитните картички, најчесто се користат за купување мебел и домашни апарати (31% од испитаниците), за храна (30%), за облека (17%) и за плаќање на месечните сметки (16 проценти од испитаниците).
Истражувањето укажува на промена во преферираниот начин на плаќање во зависност од платениот износ. Имено, 55.1% од граѓаните на Северна Македонија, сè уште, претпочитаат готовина за износи до 750 денари, додека 25.7% користат картички.
Картичката е прв избор за речиси половина испитаници (49.5%) при плаќање износи над 750 денари, но подеднакво висок е и процентот на испитаници кои преферираат готовина – 43.4%.
Се зголемува безконтактното плаќање
Бесконтактните можности за плаќање, сè уште, не се многу раширени со оглед на тоа дека 1 од 2 сопственици на картичка нема или не користи бесконтактна картичка. Но, според 72% од оние кои ја користат можноста, доминантна мотивација е тоа што бесконтакните плаќања се побрзи и попогодни од плаќање со готовина и редовната картичка.
Според 27% од испитаниците, оваа можност најчесто се користи во супермаркетите, а значително поретко во локалните продавници (10%), услужните дејности како ресторани и кафетерии (9%) и продавници за облека (8% ).
Вања Манова, менаџер за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово истакна дека оваа промена е одличен доказ за важноста на моментот што електронските плаќања го имаат на локалниот пазар и дека тоа е резултат на тестирањето од страна на потрошувачите и почитувањето на безбедноста, брзината и предноста која картичките ја нудат во секојдневните активности.
“Погодноста да се помине или само да се допре вашата платежна картичка, наместо постојано да трчате на банкомат или да морате да го пресметате точниот износ, е прилично очигледна. Сепак, најголемиот бенефит е имањето детална листа на сите расходи.
Оваа рамнотежа го олеснува одредувањето на буџетот, што е многу тешко да се направи со кеш. Дополнително, електронските плаќања покажуваат транспарентност на финансиските текови во земјата и помагаат да се намали нивото на сива економија “, вели Манова.
Истражувањето на MasterIndex ги покажа и причините како сопствениците на картички избираат картичка или банка во Северна Македонија. Имено, широката мрежа банкомати (42.4%) и филијали (27.9%), ниските каматни стапки и бесплатни услуги (26.9%), како и добрата репутација и препознатливост на брендот на банката (22.8%) имаат најголемо влијание при изборот на картичката и банката.
Сепак, најдобрата карактеристика на картичките, според корисниците, е можноста за брзо плаќање (30.3%) и практичноста (28.9%) на картичките во олеснување при извршување на секојдневните активности.
Дигитална промена
Времето на дигиталните можности кај финансиските услуги помалку срамежливо, но сигурно стигна и во Македонија, што се забележува преку интересот на испитаниците за онлајн трговијата.
Околу 36% од испитаниците се изјасниле дека еднаш неделно купуваат, односно плаќаат преку интернет, додека 52% не ги користат можностите за онлајн пазарење.
Онлајн купувачите за плаќање преку интернет најчесто користат дебитни картички (74%) а 25% од испитаниците се изјасниле дека плаќаат во готово по испорака на производот. Кредитните картички и можноста за електронско плаќање се користат од 1 на 10 онлајн купувачи или помалку.
Истражувањето покажува дека 57% од онлајн купувачите купуваат облека или чевли преку интернет, 30% купуваат електроника, додека речиси 1 од 5 испитаници плаќа месечно и други сметки или купува авионски билети.