Европратеничката Ева Каили во текот на истрагата за корупција во Европскиот парламент, признала дека побарала од нејзиниот татко да скрие дел од парите, кои подоцна биле пронајдени во нејзиниот дом.
Каили беше уапсена на 9 декември, истиот ден кога претходно беше уапсен нејзиниот татко со актовка полна со готовина. Се посочува дека тој носел околу 600 илјади евра, додека Каили е познато дека поседувала околу 150 илјади евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Истиот ден беше претресен домот на европратеничката. Каили веќе признала дека побарала од нејзиниот татко да скрие дел од парите, кои потоа биле пронајдени во нејзиниот дом.
Медиумите пишуват дека таа му кажала на истражниот судија Мишел Клиз дека била свесна за минатите односи на нејзиниот сопруг со поранешниот европратеник Пјер Антонио Панцери и оти низ нејзиниот стан поминале куфери со пари.
Белгиските медиуми претходно објавија дека признание дал и партнерот на Каили, Франческо Џорџи. Тој признал дека е дел од организација што ја користат Мароко и Катар за мешање во работите на Европската унија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во своето признание, Џорџи тврдел дека неговата улога во организацијата била да раководи со парите.
Според белгиските и италијанските медиуми, и Панцери делумно признал корумпираност и дејствување во интерес на Катар и на Мароко. Во своите признанија тој споменува дека европратеникот Марк Тарабела добивал подароци од Катар.
Белгиското федерално обвинителство и адвокатите на инволвираните во скандалот одбиваат да ги коментираат овие тврдења.
Адвокатот на Каили демантира
Каили одговори на овие извештаи преку нејзиниот адвокат, Михалис Димитракопулос, кој во изјава за kathimerini.gr категорично ги демантира, нагласувајќи дека Каили никогаш не признала дека побарала од нејзиниот татко да префрли пари, кои биле во нејзината куќа за да ги сокрие.
„Тоа не е така. г-ѓа Каили никогаш не признала дека барала од татко ѝ да префрли пари за да ги скрие“, нагласи адвокатот, додавајќи дека „Каили дознала за овие пари во последен момент и веднаш побарале да му припаднат на нивниот сопственик, господинот Панцери“.
Поточно, Каили тврди дека за парите била информирана кога нејзиниот партнер бил уапсен во близина на гаражата од нивната куќа. Потоа, според зборовите на нејзиниот адвокат, таа се обидела да го пронајде сопственикот на парите Панцери за да му ги предаде.
„Едната опција беше да го предаде партнерот на полиција, втората беше да оди кај сопственикот на парите. Таа нема обврска да го пријави партнерот според европските закони“, вели тој.
Во исто време, Димитракопулос појасни дека Каили негира каква било вмешаност во случајот, а осврнувајќи се на нејзиниот имот, тој истакна дека имотите што ги поседува се оправдани со нејзините плати.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/еМагазин/фото: Каили/Инстаграм