Четири златни, шест сребрени и пет бронзени медали, односно вкупно 15 одличја освоија членовите на карате клубот „Макпетрол“ на купот на шампиони што викендов се одржа во Подгорица.
На меѓународниот турнир во Црна Гора скопскиот тим замина со 13 спортисти кои што се натпреваруваа заедно со 626 претставници на 59 клубови од седум држави.
Со златни медали се закитија: Петар Заборски (-75 кг.), Ангела Мојсовска (+68 кг.), Петар Спасеновски (-87 кг.) и Глигор Петков (+84 кг.).
Сребрени признанија освоија: Давид Петков (-67 кг.), Викторија Јовановска (сениорки -61 кг. и У21), Стефан Стојановиќ (опен категорија и У21), Јована Мицовска (-59 кг.) и Витомир Трајковски (У21 -84 кг.), кој исто така, освои бронза меѓу сениорите.
На трето место се пласира и Данило Божовиќ (+76 кг.) додека Марија Петровска се закити со бронзен медал во сениорска конкуренција, но и во таа за помлади од 21 година.
„Овој турнир е втора контрола пред најзначајните натпревари што нè очекуваат на крајот од септември. Конкуренцијата беше извонредна, со многу квалитетни натпреварувачи од поголемиот број држави од Балканскиот регион.
За да имаат што повеќе борби, помладите спортисти ги пријавивме и во конкуренција под 21 година и меѓу сениорите. Затоа одреден број имаат и по две освоени медали. Точно можевме да ги видиме сите предности, но и недостатоци што ги поправивме минатата недела и дел на којшто треба да работиме во следниов период.
За сениорите, кои се студенти и членови на Универзитетската карате-репрезентација на Македонија, ова беше одлична контрола бидејќи на 25 септември заминуваат за Турција на Светските универзитетски игри во боречки спортови во Самсун.
Спортистите во младинска конкуренција имаат изборен турнир за обезбедување репрезентативен статус за претстојното светско првенство,“ изјави Бошко Заборски, тренер на КК „Макпетрол“.