еМагазин
Image default
Македонија

Касами го условува Заев и за заеднички претседателски кандидат

Претседателот на движењето Беса, Билал Касами по средбата со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев изјави дека за нив како партија останува отворена можноста за избор на заеднички кандидат при што најважна е личноста која ќе биде предложена, но разгледуваат повеќе опции.

-За нас како опозициска партија е многу важен пристапот, но уште повеќе е важен човекот, личноста која ќе стои на чело на една важна институција во државата. Како опозициска партија разгледуваме повеќе опции, а секако важна е и оваа опција затоа што знаеме дека еден таков кандидат има шанси да добие и нашата поддршка за таков кандидат би била многу важна.

Тоа што треба да знае јавноста е дека нашата поддршка нема да биде безусловна, а најмалку ќе биде во договор за тој утрешен претседател да ги штити нашите луѓе од корупција и нелегални работи, како што за жал се случувало досега со други партии, рече Касами појаснувајќи дека тоа треба да е личност која ќе биде претседател на сите граѓани без да ги дели граѓаните на етнички заедници, „за едните да биде мајка, а за другите маќеа“.

На новинарско прашање, Касами рече дека Движењето Беса на последните избори имаше 60 илјади гласови, посочувајќи дека на наредните ќе се види дали оваа бројка ќе се подели заради поделбата на партијата или, како што вели, дали една група се одвоила од партијата.

Касами кажа дека дадени биле некои опции како можни кандидати, а тие ќе ги разгледаат и за тоа ќе одлучат органите на партијата.

Во однос на ставот за можен претседателски кандидат рече поблиску се до становиштето на Алијансата за Албанците.

Запрашан за ставот за претседателскиот кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, рече дека е тоа нивен кандидат и не разговарале за неа.

Заев со неколку предлози до Касами за зеднички претседателски кандидат

Премиерот Заев по средбата со Касами изјави дека разговарале за неколку предлози за можен заеднички претседателски кандидат на претстојните избори за претседател на државата.

-На средбата со Касами и неговата придружба го презентиравме нашето барање за заеднички настап на изборите, преку детална анализа и поддршка на кандидат, име кое што е прифатливо за сите заради вредноста што ја добиваат сите граѓани и Република Северна Македонија, да се изнајде личност која ќе биде претседател на сите граѓани, добар претседател во духот на она што е иднината на земјата, а тоа се брза интеграција во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ, но и секако за актуелните прашања како што е економијата, реформите и слично, рече Заев.

Тој додаде дека од Беса, како опозициска партија, оставиле можност и за самостоен настап за што, вели, има разбирање и оти ги разгледуваат сите варијанти.

-Верувам дека не е невозможно, дека може да се стигне со поддршка на едно име кое без разлика дали е жена или маж, зад кое би застанале сите граѓани, а со тоа и ние политичките субјекти би земале свој став за негова поддршка како кандидат за претседател на државата.

Но, секако, одлуките ќе се носат врз основа на имињата, врз основа на личностите кои, согласно анализите што веќе постојат во државата, а ги прават скоро сите субјекти, ќе дадат добар аргумент за заземање на став прво концепциски дали се застанува зад заеднички кандидат, а секако потоа и другите алтернативи, рече Заев, изразувајќи став дека е добро тоа што го прават и дека има големи шанси многу политички субјекти во државата да застанат заедно зад заеднички кандидат.

На новинарско прашање кога да се очекува конечната одлука за изборот на конкретниот кандидат, Заев рече дека за тоа како партија одлуката треба да ја донесат пред конгресот, односно следната недела. Тој не сакаше да коментира кој е поприфатлив кандидат за албанските партии и посочи дека сублиматот од сите анализи ќе го изнесат на површина идниот претседател на Република Северна Македонија.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мицкоски: Не сме против пописот, бараме реална статистичка операција

Редакција

Бугарското МНР не е информирано за француската иницијатива за решавање на спорот со Македонија, која ја спомнува Груби

Редакција

Осуда за злоупотребата на ученици во Гостивар за поддршка на офанзивата во Сирија

Редакција