Кавадарци спроведе зелен катастар, попис на сите дрва и грмушки, информираше денеска на прес-конференција Димитар Радњански од службата Мој општинар, советник задолжен за хортикултурно уредување и заштита на природата.
Тој нагласи дека зелениот катастар, кој е и обврска од Законот за урбано зеленило, е заради зачувување и унапредување на урбаното зеленило во градот. Пописот опфаќа тип на растенија, здравствена состојба, висина, ширина на крошна, старост.
-Кавадарци има 10.490 дрвја и 1.238 грмушки. Според стручните лица, имаме задоволителен број. Но, ние како Општина продолжуваме со садење. До крајот на годината ќе се засадат нови 150 дрвја и 200 грмушки. Има најава за 200 нови садници, донација од невладината „Еко-живот“, соопшти Радњански.
Тој додаде дека има и 1.089.500 квадратни метри тревни површини, 2.830 квадратни метри цветни површини и 128.410 квадратни метри патеки во паркови.
Радњански рече дека обновено е над 90 отсто од зеленилото во градот, модерно со подземни инсталации на наводнување и со дополнително осветлување.
-Во градскиот парк „Љупчо Шкартов“ како најголема површина, се наводнува со бунарска вода, што е уште една мерка за зачувување на животната средина, нагласи тој.
Општината го изработила Катастарот со свои ресурси, без буџетски средства.
МИА/Фото: Општина Кавадарци