По 13 неуспешни тендери во текот на последниве 20 годиини, конечно е донесена одлука за изградба на хидроцентралата Чебрен.
Последниот, 14 тендер го доби конзорциумот од Public power corporation S.A. и Archirodon group N.V. од Грција, или ППЦ-Архиродон.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Грчка компанија ќе ја гради хидроцентралата Чебрен, ќе чини 1 милјарда евра, а ќе се гради 7 години
Според донесената Одлука на Владата, тие имаат обврска во рок од три месеци да склучат Договор за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со државното акционерско друштво Електрани на Северна македонија (ЕСМ), во кое што ЕСМ ќе учествува со 33% од акционерскиот капитал.
Кои се грчките компании
Грчката национална компанија за производство на струја Public Power Corporation веќе е присутна на македонскиот пазар откако пред неколку години од бизнисменот Кочо Анѓушев ја купи Енерџи деливери солушнс или ЕДС, која тргува со струја.
ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра.
Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти.
ППЦ е сопственик и на Хедно, која ја врши дистрибуцијата на струјата до потрошувачите во Грција, како и на ППЦ Обновливи извори – една од компаниите пионери во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Грчката компанија „Архиродон“, пак според податоците објавени на нејзината официјална страна во моментов има проекти од 4 милијарди долари, а нејзините активности се протегаат на три континенти и во 30 земји.
Архиродон започнала да работи како изведувач на градби на море во 1959 година со изградба на пристаништето Бенгази во Либија и пристаништето Бејрут во Либан (1962 година).
Досега завршила 350 проекти и има околу 10.000 вработени специјализирани за изградба на водени пристаништа, нафтни и гасни терминали, хидроцентрали, објекти за десалинизација на морето, објекти за менаџирање на отпад, аеродроми, мостови на вода, пумпни станици за вода, метро и железнички линии…
Архиродон во своето градежно портфолио ги има и вештачките острови „Палма“ во Дубаи, мостот на вода “Шеик Зајед Абу Даби“, метрото во Доха и пристаништето во Абу Даби.
Фото: Архиродон