Во распределбата на парите за музичка и музичко-сценска дејност на Годишната програма на Министерство за култура, за која има лавина од реакции, Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ за концерт во Загреб, Ријека и Сплит побарале 755.000 денари, а добиле 150.000, за концерт во Сиднеј, Австралија, побарале 6,2 милиони денари, а добиле милион, додека за гостување на фестивал во Турција, барале 950.000, но добиле 200.000 денари.
„Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ доби 150.000 денари за поставување нова кореографија, додека на новоформираниот Национален ансамбл за албански ора и песни му се доделени 800.000 денари за една кореографија.
Би сакал да потенцирам дека во Македонија не постојат формално-образовани фолклорни кореографи, така што процесот на креирање кореографско дело им е препуштен на поединци кои многу често се некомпетентни за ваква дејност“, вели Филип Петковски, докторант по културолошки студии и изведбени уметности, кој се жали и во делот на фолклорната дејност во изјава за „Факултети“.
Наспороти ова, Ансамблот на албански народни ора и песни во Македонија за учество на фестивал во Будимпешта барал 1.072.297 денари и добиле речиси колку што и побарале – точно еден милион.
За фестивал во Индонезија барал околу 3,5 милиони денари, а добиле 2 милиони и за гостување во Шангај, Кина, барале 3,6 милиони, а им биле одобрени 2 милиони.
Фестивалот „Таксират“, пак, добил само 500.000 денари, а барал 6 милиони.
За фестивал во Тетово и за концерт, Здружението „Артал“ од Тетово, добило 3,6 милиони денари.
„За жал, она што се очекуваше со годинешниве резултати се случи! А се случува една голема попара таму и сето тоа како резултат на политичкиот пазар и ‘примопредавање’ на културната штафета на друг партиски субјект. Резултатите се некомплетни и повторно се отвораат прашања од типот ‘по кои критериуми се вреднувани проектите и учесниците’“, вели за „Макфакс“ музичарот Петар Младеновски, фронтмен на „Суперхикс“.
Тој вели дека на листите има тотални анонимуси „наградени“ со десетици илјади евра за нивните проекти, додека докажани манифестации, кои се одржувале со декади, се тотално исфрлени.
Во делот за манифестации од фолклорна дејност „Фолк-фест Валандово“, „10 дена Крушевска Република“ и Фестивалот на ора и песни „Кенго Јехо“ добиле по еден милион денари, иако барале различни суми.
Така, Фолк-фест Валандово барале над 4 милиони денари, за Крушевската Република се барани 2,6 милиони, а „Кенго Јехо“, барал 2 милиони.
Фото: Фејсбук-профил на „Танец“
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
И Белопета во шок: Реномираниот „Скопски џез фестивал“ не доби пари од Министерство за култура