Партиите кои поднесоа кандидатури за предвремени избори за градоначалници на Охрид, Ново Село и Дебар, денеска во ДИК со жрепка ги добија редните броеви под кои ќе се најдат нивните кандидати на гласачкото ливче.
Предвремените локални избори во овие три општини ќе се одржат заедно со претстојните претседателски избори.
Според жрепката, ДУИ е прва на гласачното ливче, втора е Алијанса за Албанците, трета е Демократи, четврта е Граѓанско демократската унија, петта е ВМРО-ДПМНЕ, шестта е БЕСА и седма СДСМ.
Петмина кандидати поднеле кандидатури за предвремените избори за градоначалник на Охрид, а по двајца за градоначалници на Ново Село и Дебар.
Локалните избори за овие три општини ќе се одржат заедно со претседателските. Првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.
Во трката за градоначалник на Охрид се Нихаил Трендафилов – Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од движењето „Беса“.
Изборите за градоначалничката функција беа распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот на Oхрид Јован Стојаноски, кој почина на 15 декември минатата година.
За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Никола Андонов е познат стопанственик од селото Колешино, а функцијата градоначалник на Ново Село ја извршуваше во периодот од 2005 до 2009 година.
Николчо Стоилков е актуелен претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ во Ново Село. Дипломирал на Правниот факултет при УКИМ, вработен е во Царинската управа.
Во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.
Во трката за градоначалник на Дебар, на предверемените локални избор, на 21 април ќе учествуваат двајца кандидати. Тоа се познатите дебарски доктори, Хекуран Дука, кој е кандидат на ДУИ и Арбен Аголи на Алијасата за Албанците, поддржан од Движењето „Беса“.
Хекуран Дука е роден 1963 година во Дебар, оженет, татко на три деца. Средно образование завршил во родниот град, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде завршил специјализација по урологија. Вработен е во Општата болница во Дебар од 1994 година.
Тој е актуелен вршител на должноста градоначаланик. На последните локални избори, во 2017 година беше дел од кандидатската листа на ДУИ и беше избран за советник во Советот на општината.
Арбен Аголи е роден во Дебар 1959 годна, оженет, татко на две деца. Средно образование завршил во Дебар, дипломирал на Медицинскиот факултет во Приштина, а специјализирал педијатрија во Скопје. Во струката има 34-годишен стаж, од кои 20 години како педијатар. Од 2004 година работи како матичен педијатар.
Тој беше кандидат на Алијансата за Албанците и на изборите во 2017 година, кога со тесна разлика во гласовите, во вториот круг беше избран Ружди Љата, што беше негов втор мандат.
На изборите со свои кандидати одлучија да не учествуваат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, од каде потврдуваат дека се уште немаат став кому од кандидатите ќе му дадат поддршка.
Избори за градоначалник во Дебар се организираат поради смртта на претходниот, Ружди Љата, кој, по кусо и тешко боледување почина на крајот на ноември минатата година, на 65-годишна возраст.
МИА