На редовниот состанок на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ беа констатирани оставките на Даниела Рангелова и на Лука Кржалоски од позициите претседател на Унијата на жени односно Унијата на млади сили, и донесе одлука да се започне со процедура за распишување на процедура за избор на нови раководни тела на УЖ и на УМС, информираат од партијата.
Од таму велат дека до изборот на претседатели на УМС и УЖ, Извршниот комитет за в.д претседатели ги именуваше Јован Јаулески и Благица Ласовска.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го потврдил и изборот на Никола Мицевски за нов координатор на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
„Никола Мицевски е искусен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, а за нов координатор беше предложен од досегашниот координатор Драган Данев, кој од лични причини се повлече од функцијата координатор. Членовите на ИК на вчерашната седница му одадоа признание и благодарнoст на досегашниот координатор Драган Данев за неговото залагање и вложување во еден исклучително тежок период на работење и политичко делување и во Собранието на Република Македонија и севкупно во државата.
Истовремено информираме дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во иднина ќе делуваат како една пратеничка група. Смената на координаторот на пратеничката група не е во врска со актуелните случувања во и околу партијата, туку е исклучиво заради натамошното поефикасно делување на пратеничката група“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВМРО ДПМНЕ ќе има една пратеничка група во Собранието, кординатор ќе биде Никола Мицевски
Ќе остане ли некој во ВМРО-ДПМНЕ: И претседателот на УМС Кржалоски, поднесе оставка
Рангелова си поднесе оставка од функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ