еМагазин
Image default
Македонија

Кои се новите македонски амбасадори во Доха, Стразбур, Копенхаген…

Шестмина од новоименуваните македонски амбасадори денеска ќе реферираат пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика.

Своите платформи за дипломатски активности ќе ги претстават амбасадорите Теута Агаи Демјаха во Мисијата на Обединетите нации во Женева, Шпреса Јусуфи во дипломатско-конзуларното претставништво во Приштина, Шабан Јашари во дипломатско-конзуларното претставништво во Доха, Светлана Гелева во Мисијата во Советот на Европа, Стразбур, Данчо Марковски во дипломатско-конзуларното претставништво во Тирана и Фатон Бејта во дипломатско-конзуларното претставништво во Копенхаген.

Владата кон средината на декември минатата година на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

За некои од амбасадорските кандидати имаше реакции во јавноста за нивната компетентност да ја претставуваат земјата, како за тоа во Пекинг, но шефот на дипломатијата, Никола Димитров кон крајот на минатата година рече дека од јуни 2017 година, до денес, 87,5 осто од дипломатите се кариерни, за разлика од периодот од 2006 до 2017 година кога тој процент изнесувал 33.

Димитров изрази задоволство од сегашните решенија, напоменувајќи дека тие се успешна комбинација меѓу принципите и уметноста на можното.

Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.

САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри. Таму сега наместо амбасадори имаме вршители на должност, а во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.

Најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина, согласно предложениот закон за надворешни работи, ќе бидат дипломати од кариера.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 178 случаи со Ковид-19, четворица починати и 592 оздравени

Редакција

Нов раст: 117 здравствени работници во Македонија заразени со коронавирусот

Редакција

ДИК: Излезноста до 17 часот 38,23 проценти, цензусот е извесен

Редакција