еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Комерцијална банка ја зголеми добивката за 64,7%

Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 3.047,7 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.850,8 милиони денари, што претставува зголемување за 64,7%, информираат од таму преку Македонската берза.

-Планираната бруто-добивка за трите квартали од 2023 година е остварена со 133,2 %. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 49,5% поголема во однос на истиот период минатата година.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените приходи од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката.

Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво, велат од таму.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.115,7 милиони денари и бележат зголемување од 31,6% во однос на истиот период од минатата година.

-Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2023 година истите бележат зголемување од 80,7 % во однос на истиот период од минатата година.

Притоа треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава.

На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се деветкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки се петкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година, велат од таму.

Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 56% од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од 2 каматни приходи, велат од таму.

-Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2,10 % заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година, на 3,56% со 30.09.2023 година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2023 година изнесуваат 797,3 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 2,4%. Планот за анализираниот период е остварен со 88,4%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2023 година изнесуваат 271,3 милиони денари и бележат зголемување од 19,6%, како резултат на одржувањето на зголемено ниво на отворената девизна позиција (ОДП) во однос на сопствените средства кое овозможуваше да се максимизираат нето-позитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите.

Одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 148,9%, велат од таму.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2023 година изнесуваат 222 милиони денари и бележат намалување од 70,8% во најголем дел како резултат на значително помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 48%, посочуваат од таму.

-Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2023 година изнесуваат 1.520,6 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,6%, како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 96,9 %.

Во периодот од 01.01-30.09.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 2 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 545,3 милиони денари, наспроти 546,8 милиони денари во истиот период минатата година, велат од таму.

Вкупната актива на Банката на 30.09.2023 година достигна износ од 159.123,3 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 5,4%.

-Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемените парични средства и парични еквиваленти, вложувањата во хартии од вредност, кредитите на комитенти и кредитите и побарувања од банки. Планот е остварен со 102%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 4,4%, во најголем дел заради зголемената состојба на пласираните денарски депозити во НБРСМ и зголемената состојба на денарската сметка и благајната на Банката, а во помал обем и поради зголемувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци и зголемената состојба на пласираните средства во КИБС – Резервен гарантен фонд. Планот е остварен со 101%.

Средствата за тргување бележат зголемување од 0,8 % како резултат на купени акции, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колку пари чуваат граѓаните и фирмите во Комерцијална банка

Ќе се спојат ли Комерцијална банка и Стопанска банка Битола?

Комерцијална банка разгледува можност за присоединување на Стопанска банка Битола

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонска пошта во загуба од 2,7 милиони евра

Редакција

„Медена земја“ не доби Оскар: Статуетките ги земаа конкурентите „Американска фабрика“ и „Паразит“

Редакција

По 19 години, заврши учеството на македонската Армија во мировната мисија во Авганистан

Редакција