Заврши последната ротација на припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Авганистан. Нашите мировници се вратија дома, а со тоа заврши и скоро две декади долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ„ и „Одлучна поддршка’ во Авганистан, соопшти Министерството за одбрана.
Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи.
Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови.
Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.
Северна Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, денеска сојузници – САД, СР Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а офицери испраќавме и како дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.
Од 2015-тата година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата – наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, под команда на Турција; потоа во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата; во тим за советување во командата – Север предводени од СР Германија; во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хирирушки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.
Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.
Фото: АРМ/архива