еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Комерцијална банка ќе исплати дивиденда спротивно на препораките на Народната банка

Комерцијална банка планира да исплати дивиденда и покрај тоа што Народната банка изрази очекување дека банките ќе се воздржат од исплата на дивиденди поради вонредната состојба што настана по појавата на корона вирусот.

Соопштенито на банката објавено преку Македонската берза Ви го пренесуваме во целост:

„Изминативе денови во повеќе медиуми се појавија брифинзи дека НБРСМ е во очекување дека банките ќе задржат поголем дел од остварената добивка во 2019 година воздржувајќи се од исплата на дивиденда, заради справување со негативните финансиски последици од COVID – 19.

Исто така, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба, според која започнатите постапки за свикување и одржување на годишно собрание на акционери, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Во врска со тоа, Комерцијална банка АД Скопје до Македонската берза и јавноста ја доставува следната ценовно чувствителна информација.

Управниот одбор и Надзорниот одбор на Комерцијална банка сметаат дека банката треба да остане на веќе предложената Одлука до Собранието на акционери со која нераспределената добивка од 2019 година се распоредува на 553 милиони денари за резерви на банката со која се зголемува нејзиниот капитал и 1.253.000.000 денари за дивиденда на акционерите на банката.

Всушност, согласно препораките на Комисијата за хартии од вредност за учество и гласање на Собранието по пат на кореспонденција, кое беше закажано за 2.04.2020 година, заклучно со 27.03.2019 година, 52,92% од акционерите на Банката веќе гласаа за предложената Одлука.

Цениме дека ваквата Одлука останува и натаму оправдана заради следните причини:

Комерцијална банка постојано издвојува значаен дел од добивката во резерви и го зголемува сопствениот капитал. Така на пример, само во 2019 година беа издвоени 823 милиони денари (13,4 милиони евра) од добивката во 2018 година, а и оваа година со предложената одлука се издвојуваат 553 милиони денари (скоро 9 милиони евра) во резерви на Банката. Со тоа капиталот на Банката ќе достигне износ од 11.987 милиони денари (или скоро 195 милиони евра).

Тоа покажува дека Комерцијална банка има солидна капитална основа да се соочи со очекуваните движења и последици врз стопанството и населението, ги исполнува сите законски и супервизорски стандарди, е ликвидна и солвентна.

За разлика од сите поголеми банки во државата, кои се доминантно во странска сопственост, Комерцијална банка АД Скопје е речиси целосно во сопственост на домашни акционери. Со состојба на 29.02.2020 година, 96,42% се домашни акционери и само 3,58% се акционери од странство.

Тоа значи и дека скоро целиот износ на предвидената дивиденда, односно 96,42%, ќе биде исплатен на домашни правни и физички лица, за разлика од другите поголеми банки, каде вообичаено исплатената дивиденда се трансферира во странство.

Во случајот на Комерцијална банка, според сегашната состојба на акционерската книга, дивидендата ќе им биде исплатена на 4.555 домашни физички лица во износ од 476 милиони денари, на 344 домашни правни лица во износ од 679 милиони денари и ќе биде исплатен данок кон Буџетот во износ од 57, 4 милиони денари.

Тоа значи дека со исплата на дивидендата ќе се подобри ликвидноста на сите овие субјекти, вклучувајќи го и Буџетот на државата, што сметаме дека е особено важно во овој период кога и стопанството и населението се соочуваат со проблеми.

Имајќи ги предвид овие аргументи, Управниот и Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје остануваат на предложената одлука за распоредување на добивката од 2019 година (за што досега веќе гласаа 52,92% од акционерите) на 553 милиони денари за резерви на Банката и по 550 денари бруто дивиденда по акција.

Исплатата на дивидендата очекуваме да се случи по завршувањето на вонредната состојба и продолжување на Собранието на акционерите на Банката или кога за тоа ќе се создадат законски услови со Уредбата за примена на Законот за трговските друштва“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Народна банка: Банките да не делат дивиденда, добивката за зголемување на капиталот

НЛБ Банка се одзва на повикот на Народна банка: Нема да се дели дивиденда

Комерцијална банка однапред плати аконтации за данок на добивка за 2020 година во износ од 120 милиони денари

„Познато друштво“ повторно во Надзорниот одбор на Комерцијална банка

Комерцијална банка на тројца членови на Управниот одбор лани им исплатила 876.000 евра за плати и надоместоци

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

1.093 нови случаи на Ковид-19 од 3.084 тестирања, во Скопје 431

Редакција

Заев повторно најави декриминализација, па легализација на марихуаната

Редакција

НАТО сака дипломатско решение со Русија, но се подготвува за најлошото

Редакција