еМагазин
Image default
Бизнис

Комерцијална банка лани ја зголемила добивката за 21,2%

Во периодот од 01.01-31.12.2021 година, Комерцијална банка АД Скопје од своето работење оствари добивка пред оданочување во износ од 2.504,6 милиони денари наспроти 2.067,1 милиони денари во 2020 година, што претставува пораст од 21,2%, стои во коментарот на неконсолидирани и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на Банката објавен преку Македонската берза.

“Планираната добивка за анализираниот период е реализирана со 127,1%. Данокот на добивка во 2021 година изнесува 200,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 2.304,3 милиони денари, или 20,5% повеќе во однос на минатата година

Овој солиден резултат од работењето, Банката го оствари во услови на постепено закрепнување на економијата од последиците поврзани со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Kовид-19, што е резултат на отпочнувањето на процесот на вакцинација на населението и глобалното економско заздравување.

Притоа, и во текот на 2021 година останаа присутни ризиците и неизвесноста поврзани како со интензитетот и траењето на пандемијата, така и со економското заздравување условено од застоите во глобалните синџири на набавки, високиот пораст на цените на енергенсите и инфлаторните притисоци.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 0,1% поголема во однос на минатата година, како резултат на пораст на приходите од редовно работење, додека останатите приходи се намалени како резултат на помалку реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот (444,1 милиони денари во 2021 година, наспроти реализирани значително поголеми приходи во износ од 1.334,4 милиони денари во 2020 година, од кои најголем дел е од продаден имот од должниците Технометал Вардар Скопје, Прототип ДООЕЛ Скопје и ФКН Неготино)“, велат од Банката.

Нето-исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2021 година изнесува 934,6 милиони денари и во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 1.369,7 милиони денари бележи намалување од 31,8%, велат од Банката.

“Намалувањето на нето-исправката на вредност на финансиските средства се должи на антиципација на влошувањето на дел од корпоративното портфолио поради состојбата со ковид кризата во 2020 година, додека во извештајниот период се забележуваат позитивни придвижувања во економијата и во портфолиото на Банката.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.473,1 милиони денари и бележат зголемување од 1,6% во однос на истиот период од минатата година како резултат на пораст на приходите од редовно работење.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето. На 31.12.2021 година изнесуваат 2.454,6 милиони денари и бележат зголемување од 1,5%, кое е остварено во услови на намалени каматни стапки кај кредитите и депозитите, при умерено зголемен обем на кредитирање и значително зголемени депозити.

Дополнително, соодветно влијание врз нето-приходите од камата има и намалениот обем и каматна стапка кај пласманите во благајнички записи во однос на минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 95,5%“, велат од Банката.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2021 година изнесуваат 994,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 11,5%, како резултат на пониска споредбена основа во истиот период минатата година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата 2 значително намалување забележаа активностите на Банката, велат од Банката.

“Планот за анализираниот период е остварен со 117,7%. Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2021 година изнесуваат 197,4 милиони денари и бележат зголемување од 19,6%. Планот за анализираниот период е остварен со 119,6%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2021 година изнесуваат 1.723,9 милиони денари и бележат намалување во најголем дел како резултат на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот.

Во рамки на оваа позиција Банката во текот на 2021 година оствари значителен износ на наплатени отпишани побарувања (1.234,4 милиони денари), во чии рамки со најголемо учество е наплатеното отпишано побарување од Топлификација АД Скопје – во стечај, во износ од 579,8 милиони денари, такaшто Планот е остварен со 189,5%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2021 година изнесуваат 2.029,0 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 4,4%, главно како резултат на зголемена амортизација по основ на набавки на основни средства и опрема заради модернизација на деловната мрежа, зголемени трошоци по основ на набавка и сервисирање на компјутерска опрема, зголемени премии за осигурување на депoзитите, зголемени трошоци за обезбедување на имот и други трошоци.

Планот е остварен со 120,3%.

Во периодот од 01.01-31.12.2021 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 4,9 милиони денари и истата е евидентирана по основ на 20% оштетување на нето вредноста на преземениот имот согласно регулативата на НБРСМ“, велат од Банката

Вкупната актива на Банката на 31.12.2021 година достигна износ од 148.535,4 милиони денари и во однос на декември 2020 година бележи зголемување од 12,0%, велат од Банката.

“Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемувањето на сите позиции со поголемо учество (паричните средства и депозити во НБРСМ, кредити на и побарувања од банки, кредити дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност). Планот е остварен со 106,8%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 16,4%. Планот е остварен со 113,3%.

Средствата за тргување бележат пораст по основ на купени акции и усогласување на пазарната вредност на акциите.

Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 350,4 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат позначително зголемување кое се должи на пласирани депозити во странски банки со рочност над 3 месеци, по основ на значителниот раст на девизните депозити, а со цел да се намалат износите на платена негативна камата на средствата на сметките во странски банки во валута ЕУР. Планот е исполнет со 303,7%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 5,1% како резултат на зголемено кредитирање на секторите нефинансиски друштва, домаќинства и држава.

Умерениот кредитен раст се должи на помалата споредбена основа од минатата година, кога Банката беше многу внимателна кон зголемување на кредитините изложености во услови на глобална криза.

Кредитниот раст во 2021 година е поттикнат од зајакнувањето на капиталната позиција во март, што исто така овозможи Банката на пазарот да понуди нови и модифицирани кредитни производи за физички лица, како и да ги поддржи правните лица во процесот на опоравување на економијата.

Планот е остварен со 102,4%.

Почнувајќи од 01.04.2021 година, ставени се во отплата изложеностите кон физички лица кои беа опфатени со вториот сет мерки заради ублажување на потешкотиите од ковид-кризата од минатата година, додека најголем дел од изложеностите кон правни лица кои беа опфатени со мерките, се во редовна отплата од почетокот на годината.

Учеството на изложеностите на правни лица кои и понатаму се под ковид-мерки континуирано се намалува и изнесува 0,087% во вкупната кредитна изложеност на Банката со состојба на 31.12.2021 година.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 10,7% како резултат на купени Македонски Еврообврзници, како и купени структурни и континуирани државни обврзници.

Ваквиот пораст кај пласманите во ниско-ризичните хартии од вредност е остварен во услови на висока ликвидност на Банката поради значителниот раст на депозитите, а со цел остварување на задоволителни приноси. Планот е остварен со 96,4%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 21,4% по основ на продажби и евидентирано оштетување од 20% согласно регулативата од НБРСМ. Истите имаат минимално учество во вкупната актива“, велат од Банката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колку пари чуваат граѓаните во Комерцијална банка

Апелацискиот суд донесе пресуда со која се укина притворот за Мијалков, а не Комерцијална банка, велат од Банката

Комерцијална банка со раст на добивката за 3,4%

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Струмички „Грозд“ лани оствари добивка од 25,7 милиони денари

Редакција

„Гранит“ со намалена добивка

Редакција

Мода од Свети Николе лани со намалена добивка

Редакција