еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Кордалов за борбата со Ковид-19: Ве молам стишете со тоа „непредвидливо“ е, не знаете што на човек му се мота низ глава кога ќе му кажат дека е позитивен

Специјалистот за односи со јавност Бојан Кордалов, на неговиот фејсбук-профил информираше дека после 23 дена конечно има негативен тест на Ковид-19.

Тој го сподели неговото искуство со болеста, кое го пренесуваме во целост:

„На 10.10 поради мали болки во грлото се одлучив да направам тест на кој излегов позитивен на Ковид-19 и истовремено на инфлуенца Б. Нема да лажам дека кога ми соопштија телефонски вечерта буквално се почувствував како „да ми се отсекоа двете нозе“.

Поради психозата на оваа тема која се шири не ни сакам да ви ги раскажам мислите кои ми навираа првите минути, часови, па дури и неколку дена! Фала Богу поминав без посериозни компликации.

Кашлица, изгубен мирис и вкус и затнат нос. Целиот овој период се обидов да бидам окупиран со работа, позитивна енергија и секако целосно следејќи ја терапијата која ми беше препишана.

Што би препорачал?

Прво, да намалиме малку со стигматизацијата. Бидејќи секому може да се случи. Чувајте се, штитете се, почитувајте препораки, но не заборавајте дека за жал и не дај Боже секому може да се случи.

Затоа повеќе емпатија, поддршка и позитивна енергија. Не знаете колку треба во тие моменти. Ниту сум ги спорел, ниту ќе ги спорам докторите кои се единствено стручни во борбата со оваа и било која друга болест.

Но, ве молам стишете со тоа „непредвидливо“ е, бидејќи не знаете што на човек му се мота низ глава кога ќе му кажат дека е корона позитивен поради тие реченици. Не спорам воопшто дека научно е докажано дека вирусот е непредвидлив, но истовремено секој има право и потреба од оптимизам и позитивна енергија особено за време на справување и борба со вирусот.

Има начин како тоа да го комуницирате јавно, а јас ви стојам на располагање да ви напишам неколку фрази кои ќе ги кажувате јавно, ќе содржат непредвидливост, но истовремено ќе предизвикуваат и смиреност, надеж и оптимизам кај секој заболен од Ковид-19.

Второ, лекувањето чини, кошта! Само првата нарачка која вечерта касно морав да ја направам по препорака на лекарите чинеше безмалку 100 евра. Во земја во која сиромаштијата е на толку високо ниво, апелирам и замолувам да се земе ова предвид и да се помогне многу повеќе на сите кои е неопходна грижа и нега, а особено лекарства, суплементи и имунобустери. А, бројките велат дека тоа се стотици илјади луѓе.

Трето, да намалиме со балканштината. Знам дека поговорката вели дека: „кој не е експерт, тој не е од Балканот“, но стварно има ли потреба да глумите сите инспектори епидемиолози?

Дали знаеш кај ја фати – ама нема кој не ме праша ова. Луѓе, не е ова сексуално пренослива болест па да знаеш точно кај си ја фатил. И да си потенцирам, не сум бил на ниту една журка, никакви собиранки, сум носел маска, дезинфекција честа и миење раце, ама ете се случи.

И на уште многу што почитувале мерки им се случи. Затоа, намалете со тоа „и покрај што ги почитував мерките, добив позитивен тест“. Бидејќи ваквиот пристап ја намалува довербата во мерките кај дел од луѓето и дава ветер во грб на сите кои шират конспирации.

Значи, комуникацијата која треба да биде е следна: СЕ ЌЕ БИДЕ ДОБРО: 1) Почитувај ги мерките и препораките за да се заштитиш себе, блиските и сите луѓе; 2) Следи ги сите симптоми и навремено реагирај, пријави кај матичниот/та, тестирај за да може навремено да добиеш терапија што очигледно е многу важно; 3) Ако се случи да бидеш ковид позитивен, остани позитивен во духот, а лекарите се тука и ќе ти помогнат со терапија и се што е потребно. ТОЛКУ!“

фото: Фејсбук/Кордалов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Рош Македонијa се придружи кон глобалното движење на Унијата за меѓународна контрола на рак, заедно со неколку пациентски и граѓански здруженија

Редакција

Хотелите и сместувачките објекти отвораат од понеделник на 22 јуни, според протокол утврден од Владата

Редакција

Втора жртва: Тринаесетмесечно дете од Свети Николе почина од морбили

Редакција